Екипата на Хапоел ИБИ Тел Авив ја задржа лидерската позиција на табелата во Евролигата, откако во својот прв историски натпревар од елитното натпреварување одигран во Израел, ја совлада Црвена Звезда со резултат 84-78.
Натпреварот беше крајно неизвесен и изедначен, со постојани промени на водството, при што ниту еден тим немаше предност поголема од пет поени. На полувремето, Хапоел имаше минимална предност од 40-37. Тесната битка продолжи и во третиот период, но победникот беше решен во последните напади благодарение на двете клучни реализации на Крис Џонс.
Брилијантен Брајант го предводеше Хапоел
Домаќините ги предводеше спектакуларниот Елајџа Брајант, кој постигна 28 поени и забележа 9 скока. Покрај него, Ден Отуру додаде 18 поени, додека споменатиот Џонс заврши со 15 поени.
Во тимот на Црвена Звезда, најдобар беше Џаред Батлер со 27 поени и 8 асистенции. Во двоцифрен учинок беа уште Коди Милер-МекИнтајр со 13, Џордан Нвора со 11 и Семи Оџелеје со 10 поени.
Со оваа победа, Хапоел го подобри својот скор на 12-4 и остана на првото место на табелата, додека Црвена Звезда го забележа третиот последователен пораз и сега има скор од 9-7.



