Сојузот на спортови на Скопје денеска во СЦ „Јане Сандански“ ги додели традиционалните награди „13 Ноември“, со кои им се оддава признание на најдобрите спортисти, тренери и спортски работници кои ја обележаа изминатата година во главниот град.
Ова беше 55-то јубилејно издание на манифестацијата (која има традиција од 1970 година), а беа доделени вкупно 10 награди.
Подвигот на Ла Манш му ја донесе титулата на Поп Ацев
Главната награда, „Спортист на годината“, сосема заслужено отиде во рацете на Евгениј Поп Ацев.
Македонскиот пливачки херој минатата година го имаше најголемиот подвиг во кариерата кога го преплива каналот Ла Манш. Поп Ацев ги совлада 33-те километри за неверојатни 9 часа и 43 минути, со што стана само петтиот Македонец во историјата со вакво достигнување, дополнувајќи го своето богато спортско творештво.
Во негово отсуство, наградаа ја прими неговата мајка.
Лазаров и Алкалоид: Tимска доминација
Доминацијата во ракометот беше потврдена со двете клучни награди. Кире Лазаров ја доби наградата за „Тренер на годината“ откако го предводеше својот тим до историскиот трофеј во ЕХФ Европскиот куп (сезона 24/25).
Логично, наградата за „Спортска екипа на годината“ отиде кај РК Алкалоид.
Ѓошевска и Михаилов со награди за животно дело
Наградите за „Животно дело“ им беа доделени на две спортски легенди:
- Божурка Ѓошевска (поранешна атлетичарка и долгогодишен тренер во АК Работнички и професорка во ДУФК М.М.Брицо).
- Кирил Михаилов (легендарниот спортски фоторепортер и организатор на автомобилски трки во рамките на АМСМ уште од 80-тите години).
Останати добитници на наградата „13 Ноември“:
- Мр. Горан Мицкоски (Стручен соработник, Џудо Федерација на Македонија)
- Јордан Тасевски (Претседател на Македонска Федерација во Спортско Стрелаштво)
- Владимир Булатовиќ (Спортски новинар, „Екипа“)
- Александар Аргироски (Професор, ООУ Петар Поп Арсов)
- Ана Јакимовска Стричевиќ (Професор, ДУФК М.М. Брицо)



