„Го забораваме Азербејџан, фокусот е на Ирска“: Илиевски објасни зошто го избра Омари Мур

Објавено:

Македонската кошаркарска репрезентација имаше стар од соништата во претквалификациите за Евробаскет 2029, декласирајќи го Азербејџан. Сепак, селекторот Марјан Илиевски повикува на смиреност и брзо „архивирање“ на овој меч, бидејќи веќе в недела следи нов предизвик, гостувањето кај Ирска во Даблин.

Илиевски не го криеше задоволството од хемијата во тимот, иако подготовките беа кратки.

„Морам да ја пофалам тимската хемија и енергија која постои во овие три дена… Мора да ги пофалам играчите дека за краток период функционираа одлично, и тоа што го покажаа на теренот и го покажува и семафорот, е заслужено“, истакна селекторот.

Зошто Омари Мур, а не Џејкоб Вајли?

Едно од главните прашања пред мечот беше изборот на натурализираниот играч. Илиевски откри дека одлуката била тактичка, базирана на ростерот на противникот.

„На овој меч играше Омари Мур затоа што има промена во нивниот тим кај натурализираните играчи, па ние решивме да користиме играч на бековската позиција“, објасни Илиевски.

За дебито на Мур, кој имаше 9 асистенции, селекторот имаше само пофални зборови:

„Тој донесе стабилност и ја држеше целата екипа со искуството кое го носи со себе. Добро ја постави својата игра и си ја заврши задачата“.

Мислите веќе се во Даблин

Македонија веќе се подготвува за патувањето во Ирска, која во првото коло загуби од Луксембург.

„Овој дуел со Азербејџан го забораваме и архивираме. Мора да направиме добар скаутинг и во краткиот период да ги рехабилитираме играчите кои имаат поголема минутажа“, заклучи Илиевски.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено