Македонската кошаркарска репрезентација денеска и официјално ги започна подготовките за новиот циклус претквалификации за Евробаскетот 2029. Во базата во хотелот „Александар Палас“, селекторот Марјан Илиевски и неговиот стручен штаб ги пречекаа репрезентативците пред претстојните предизвици.
Пред Македонија се два натпревари во овој „прозорец“:
- 27. ноември: Дома против Азербејџан (СРЦ Кале)
- 30. ноември: Гости кај Ирска (Даблин)
Враќање на искусните и нови засилувања
Илиевски најави дека, за разлика од летото, тимот сега е засилен со поискусни имиња, вклучувајќи го и Андреј Јакимовски, кој игра во одлична форма во својот клуб.
„Оние кои играа летоска го дадоа својот максимум. Сега сме надополнети со играчи кои имаат „носено“ поинакви мечеви и сигурно ќе бидат од значење“, изјави селекторот.
Во однос на натурализираните играчи, Илиевски потврди дека на располагање ќе го има Џејкоб Вајли, кој веќе е со тимот, а во среда се очекува пристигнувањето на Омари Мур од Валенсија. Нејт Сестина е повреден и ќе отсуствува два месеци.
Претпазливост пред Азербејџан
Селекторот предупреди дека противникот не смее да се потцени, особено што Азербејџан направил промена кај странскиот играч, заменувајќи го центарот со квалитетен плејмејкер.
„Нашите очекувања се секој пат да дадеме 100% од себе и да се победат натпреварите“, порача Илиевски.
Првиот тренинг е закажан за вечерва во 18:30 часот во салата на СРЦ „Кале“.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



