Вчерашната вечер беше болна за македонскиот фудбал. Откако со тешко срце го изгледавме дебаклот на нашата репрезентација во Копенхаген, инстинктивно го сменивме каналот барајќи утеха во останатите натпревари. На екранот се појави крајот од драмата во Кардиф меѓу Велс и Босна и Херцеговина. И таму, во продолженијата и пенал-рулетот, видовме нешто што целосно нè импресионираше.
Едно 18-годишно момче, без грам страв во очите, ја зеде топката во одлучувачкиот момент, ладнокрвно го матираше голманот и ја однесе Босна во мундијалското финале. Неговото име е Керим Алајбеговиќ.
Ние во „Спортска Станица“ сме убедени: ако сè се одвива според планот и доколку го одминат повредите, ова момче е една од следните најголеми ѕвезди во европскиот и светскиот фудбал!
Фудбалот е запишан во неговата ДНК
Кој е всушност Керим Алајбеговиќ? Роден е на 21 септември 2007 година во Келн, Германија, но неговото срце отсекогаш чукало за Босна. Фудбалот му е вкоренет во гените – тој е син на поранешниот фудбалер Семин Алајбеговиќ, а талентот се протега низ целото семејство (негов братучед е Кенан Врбан од академијата на ФК Сараево).
Иако е роден во Германија и ги помина фудбалските школи на Келн и Баер Леверкузен, Керим никогаш немаше дилема за кого ќе настапува. Ги помина сите младински селекции на Босна (од У15 до У21), за вчера, на само 18 години, да стане апсолутен сениорски херој на нацијата на својот седми настап.
Експлозија во Салцбург и „кражбата“ на Леверкузен
Неговиот клупски подем е филмски. Минатото лето (во 2025 година), тој направи брилијантен потег и од младинскиот погон на Леверкузен премина во најдобрата „фабрика за таленти“ во Европа – Ред Бул Салцбург.
Во Австрија, Керим едноставно експлодираше! На 36 натпревари сезонава во сите натпреварувања (вклучувајќи ги и настапите во Лига Европа каде им даде гол на Астон Вила и Базел), овој ултра-талентиран крилен напаѓач постигна 11 голови и запиша 3 асистенции.
Ваквите настапи не останаа незабележани. Имено, токму денес, додека целиот Балкан зборува за неговиот пенал во Кардиф, германскиот шампион Баер Леверкузен официјално потврди дека ја активирал повратната клаузула за Алајбеговиќ! „Фармацевтите“ ќе платат само 8 милиони евра за да го вратат во своите редови од 1 јули 2026 година, што е вистински грабеж ако се знае дека неговата пазарна вредност веќе скокна на 15 милиони евра (со што е најскапиот играч во австриската лига).
Подготвен за големата сцена
„Керим ги надмина сите наши очекувања. И покрај неговата младост, тој стана апсолутен лидер во Салцбург и докажа дека може да игра на највисоко ниво во Европа“, изјави директорот на Леверкузен, Симон Ролфес.
Следниот предизвик за ова младо балканско чудо е најголем можен – финале од мундијалскиот бараж против моќната Италија в вторник. Ако судиме по неговата ладнокрвност синоќа во Кардиф, „Аѕурите“ ќе имаат сериозни проблеми да го запрат.
Запомнете го добро ова име: Керим Алајбеговиќ!



