Њујорк конечно слави! По повеќе од половина век чекање, Њујорк Никс стигнаа до својот прв трофеј по далечната 1973 година, совладувајќи ги Сан Антонио Спарс со 124-113 во големото финале на НБА Купот во Лас Вегас.
Иако овој трофеј не е шампионскиот прстен од НБА финалето, за навивачите во „Медисон Сквер Гарден“ ова е историски момент кој ја прекинува 52-годишната суша. Никс покажаа зошто мора да се сфатат сериозно како кандидати за висок пласман, а триумфот беше запечатен со неверојатна последна четвртина во која го прегазија противникот со 35-19.
On the Vegas court with the champs from New York! 🗽 pic.twitter.com/PwFWyjKdgT
— NBA (@NBA) December 17, 2025
Клупата на Никс го „изеде“ Вембањама
Херој на вечерта беше О-Џи Ануноби со 28 поени и пет тројки, додека капитенот Џејлен Брансон додаде 25 поени и сосема заслужено беше прогласен за МВП на турнирот. Сепак, вистинската разлика ја направи длабочината на тимот на Мајк Браун.
Џордан Кларксон и младиот Тајлер Колек влегоа од клупата и со клучни тројки ја истопија предноста на Спарси. Мичел Робинсон одигра дефанзивна симфонија, доминирајќи под обрачите со 15 скока (дури 10 офанзивни!) и целосно исфрлајќи го од ритам француското чудо Виктор Вембањама.
Спарси, кои во финалето влегоа по сензационалната победа над Оклахома Сити, водеа со 11 поени разлика кон крајот на третиот период (92-81), но нивната офанзива едноставно „зариба“ во последните 12 минути. Никс направија серија од 15-3 на почетокот на четвртиот дел и не погледнаа назад.
„Ќе најдеме начин“ – пораката на Брансон
Брансон по мечот им оддаде признание на своите соиграчи, нагласувајќи дека оваа победа е резултат на карактерот на тимот.
„Бевме во негатива од 10 поени, но најдовме начин да победиме. Тоа ќе биде нашето мото отсега: Ќе најдеме начин“, изјави МВП-то Брансон.
Вембањама го заврши мечот со скромни 18 поени за негови стандарди, додека кај Спарси најдобар беше Дилан Харпер со 21 поен. Тренерот на Сан Антонио призна дека поразот е повеќе тимски неуспех и слаба контрола на скокот отколку индивидуално потфрлање на Виктор.
Оваа победа на Никс е нивна шеста по ред и десетта во последните 11 меча. По триумфите над Торонто и Орландо во претходните рунди, овој трофеј во Вегас е потврда дека Њујорк е подготвен за големи нешта.



