Со комплетирањето на првата фаза од Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, официјално е потврден пласманот на репрезентациите кои не обезбедија место во главната рунда. Македонската репрезентација, по три одиграни натпревари во силната група Д, натпреварувањето го заврши на 14. место.
Подобрување за три позиции во однос на Германија
Со биланс од една победа (Романија), едно реми (Португалија) и еден пораз (Данска), Македонија освои три бода, што е доволно за 14. место во вкупниот поредок. Ова е напредок за три позиции во споредба со претходното Европско првенство во Германија (2024), кога завршивме како 17-ти со една победа.
Од селекциите кои го завршија настапот по првата фаза, само Фарските Острови имаат подобар пласман од нас (поради подобра гол-разлика), додека зад Македонија на табелата останаа репрезентации како Австрија, Чешка, Србија, Полска и Холандија.
Гордост, но и мала доза на разочарување
Иако 14. место на хартија изгледа како коректен резултат со оглед на тоа што бевме во пеколна група, во јавноста останува чувство на слатка горчина. Горди сме на она што го видовме – борбеност, пожртвуваност и гранитна одбрана со срце. Сепак, токму тоа што видовме дека оваа млада екипа може да се носи со големите, нè прави малку разочарани што не направивме чекор повеќе кон главната фаза. Иако, дури и да победевме со Португалија поради високата гол разлика со Данска немаше да се пласираме понатаму.
Најголемата добивка од ова првенство не е бројката на табелата, туку промената во победничкиот менталитет. Македонија покажа дека повеќе не оди на големите натпреварувања само за да учествува, туку за да победи. Разочараноста на лицата на играчите дека „само“ победиле синоќа, а не победиле со 10 голови разлика против незгодната Романија, е доказ за тоа. Овој став и лекциите научени од драматичните завршници се највредниот капитал за иднината. Овие момци покажаа дека имаат „душа“, а тоа е темелот врз кој ќе се градат следните успеси.



