МЗТ Скопје ја врза третата победа во АБА-2

Објавено:

МЗТ Скопје продолжува со силното темпо во АБА-2 лигата. Македонскиот шампион ја запиша третата победа во сезоната, совладувајќи ја Јахорина со 96-77 во „Јане Сандански“ и ја задржа позицијата во самиот врв на табелата.

Домаќинот го контролираше мечот од првата минута и не му дозволи на противникот ниту еден резултатски импулс. МЗТ ја доби секоја четвртина, а најголемото одлепување дојде пред паузата, кога разликата се крена на двоцифрени 57-47. Во вториот дел, избраниците на Атанасов ја држеа дистанцата со стабилна одбрана и со смирен напад, не дозволувајќи му на тимот од Пале да се врати во ритам.

Извор: https://www.facebook.com/kkmztskopje

Елајџа Мекејден беше прв стрелец на натпреварот со 28 поени. Чарлс Гил одигра уште една силна партија и заврши со дабл-дабл учинок од 19 поени и 14 скокови. Капитенот Дамјан Стојановски реализираше 13 поени, а Бојан Крстевски додаде 12. Кај гостите најефикасен беше Џејлен Грахам со 19 поени.

Со овој успех, МЗТ ја потврди формата во воведните рунди и ја зацврсти кандидатурата за висок пласман оваа сезона. Во следното коло, скопскиот тим го очекува гостување кај Златибор на 17 декември.

Извор: https://www.facebook.com/kkmztskopje



Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено