НБА легендата Лени Вилкенс почина на 88 години: човекот кој живееше за кошарката

Објавено:

Светот на кошарката тагува.
Лени Вилкенс, една од најголемите фигури во историјата на НБА, почина на 88-годишна возраст, потврди лигата во неделата.

Името на Вилкенс е впишано во историјата со златни букви. Тој е деветкратен Ол-Стар, еден од најдобрите плејмејкери и дефанзивци на своето време и еден од најуспешните тренери во историјата на НБА.

Играч, тренер, ментор… човек кој ги живееше сите улоги во НБА

Во својата 15-годишна играчка кариера, Вилкенс просечно бележеше 16.5 поени и 6.7 асистенции по натпревар, настапувајќи за три клуба. Неговата игра беше симбол на интелигенција и контрола, играч кој ја „читаше“ играта пред сите други.

Како тренер, беше уште поголем. Со 1.332 победи во 32 сезони, Вилкенс останува трет најуспешен тренер во историјата на НБА, зад само Грег Попович и Дон Нелсон.
Круна на неговата тренерска кариера беше титулата со Сиетл СуперСоникс во 1979 година, момент што засекогаш ќе остане врежан во меморијата на градот.

Извор: Manny Rubio / USA Today via Imagn Images

Двојна бесмртност во Куќата на славните

Лени Вилкенс е единствениот човек во историјата кој бил истовремено и играч и тренер на два различни тима. Во СуперСоникс (1969–1972) и Портланд Трејл Блејзерс (1974–1975).

Но, неговата величина оди подалеку од бројките.
Вилкенс трипати беше примeн во Куќата на славните во Спрингфилд: како играч во 1989 година, како тренер во 1998 и како член на легендарниот „Дрим тим“ што освои злато во Барселона 1992.

Подоцна, ја водеше репрезентацијата на САД до златото во Атланта во 1996 година.
На 50-годишнината и 75-годишнината на НБА, беше избран и меѓу најдобрите 50 и најдобрите 75 играчи во историјата.

Извор: https://www.nytimes.com

Од Бруклин до вечноста

Роден во Бруклин во 1937 година, Вилкенс растел во тешки услови. Татко му починал кога имал само пет години, а мајка му се борела да го одгледа во католичка традиција. Малечкиот Лени служел како олтарско момче во црквата „Холи Розари“, несвесен дека ќе стане икона на еден сосема друг олтар, оној на кошарката.

Во младоста, кошарката не била прв избор. Дури и се откажал од тимот во средно училиште за да работи во продавница и да му помогне на семејството.
Таму, како по некоја симболична судбина, му доставувал намирници на Џеки Робинсон, првиот Афроамериканец во МЛБ. Таму се родила можеби првата искра што му покажала дека историјата може да се промени.

Судбината го вратила на теренот.
Благодарение на писмо од свештеникот Том Менион, кој го препознал неговиот карактер, Вилкенс добил стипендија од Провиденс колеџ. Таму ја започна приказната што ќе ја обликува кошарката за генерации.

Извор: Joe Nicholson / Imagn

Адам Силвер: „Лени Вилкенс го претставуваше најдоброто од НБА“

Комесарот на НБА, Адам Силвер, со емотивни зборови ја сумираше величината на Лени:

„Лени Вилкенс го претставуваше најдоброто од НБА. Освен неговите титули и златни медали, неговата вистинска големина беше во посветеноста кон луѓето, кон заедницата во Сиетл, каде денес стои статуа во негова чест. Тој беше ментор, лидер и вистински пример за интегритет и класа“.

Последен поздрав до легендата

Со неговото заминување, НБА губи не само легенда, туку и човек кој ги поврзуваше епохите – од времето на кошарката без линиите за три поени, до модерната игра исполнета со ѕвезди.

Лени Вилкенс (1937–2025) ќе остане запаметен како симбол на скромност, интелигенција и вечна љубов кон играта.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено