Хјустон го надмудри Милвоки, Њујорк доминираше во дербито на Големото Јаболко, а Оклахома и понатаму личи како шампион што не заборава да победи.
Дјурант го запали Хјустон
Кевин Дјурант одигра како во најдобрите денови и со 31 поен, 7 асистенции и клучен кош на минута и пол до крај, беше пресуден за триумфот на Хјустон Рокетс над Милвоки Бакс (122–115).
„Ракетите“ се вратија по поразот од Сан Антонио и запишаа шестта победа во последните седум меча. Алперен Шенгун дополни со 23 поени и 11 скокови, додека Џабари Смит и Рид Шепард уфрлија по 16.
Јанис Антетокумпо заврши со 37 поени, но промаши три од четири слободни во последните 90 секунди, доволно за Хјустон да направи серија 22-7 и да ја затвори приказната.
Бостон издржа во Орландо
Селтикс со тешка, но заслужена победа над Меџик (111–107). Џејлен Браун постигна 27 поени, а Дерик Вајт погоди тројка на 45 секунди до крајот. Паоло Банкеро даде 28 поени, но беше ограничен со личните грешки. Новото лице на Бостон, Анафрни Сајмонс, блесна со 25 поени во првото полувреме.
Клупата на „зелените“ го направи клучниот исчекор за 13-0 серија во последната четвртина, доволна за победа број девет во сезонава.
Шеј пак немилосрден за Оклохома Сити
Оклахома Сити продолжува да гази. Тандер славеше во Мемфис со 114–100, благодарение на 35-те поени на Шеј Гилџиус-Александер.
Мемфис водеше со плус 19 во првото полувреме, но шампионите го збришаа тоа со 63–38 во вториот дел. Холмгрен и Мичел дадоа по 21, а Хартенштајн додаде 18 со 13 скокови.
Џа Морант повторно беше под својата форма, со само 11 поени (3/18 од поле).
Њујорк неприкосновен на „Медисон Сквер Гарден“
Њујорк Никс ги „згазија“ Бруклин Нетс со 134–98 и останаа совршени дома (6-0).
Карл-Ентони Таунс беше ѕвезда на вечерта со 28 поени и 12 скокови, а Брансoн и Ануноуби додадоа по 19. Никс поведоа 8-0, а на крајот од првата четвртина водеа 40–22.
Нова победа, нова потврда дека Никс се вистински домашен бастион, со 11-та победа по ред во серијата со Нетс.
Детроит го издржа притисокот од Филаделфија
Пистонс продолжуваат со неверојатната форма со шестта победа по ред, овојпат против 76ерс (111–108). Кејд Канингем беше херој со 26 поени и клучен забивач во финишот, додека Џејлен Дурен додаде 21 поен и 16 скокови.
Тирис Мекси повторно блесна со 33 поени, но без помошта од Џоел Ембид, кој одмараше поради повредата на коленото.
Вориорс без Стеф, но со стил
И без Стеф Кари, Голден Стејт немаше проблеми и дојде до убедлива победа од 114–83 над Индијана.
Џими Батлер со 21 поен, 9 скокови и 7 асистенции беше диригентот, а Хорфорд и Пост ја контролираа внатрешноста. Кари треба да се врати во акција во вторник против Оклахома.
Минесота го избриша Сакраменто
Тимбервулвс ја завршија неделата со стил и победа од 144–117 против Кингс.
Ентони Едвардс даде 26 поени и продолжи со топ форма по 37-те против Јута.
Мекданиелс додаде 21, а Руди Гобер беше ѕвер под кошевите со 19 поени, 12 скокови и 5 блокади.
Кај Сакраменто, Лавин и ДеРозан дадоа по над 20, но одбраната пак колабираше.



