НБА преглед: Александар-Вокер со ноќ на кариерата, Мемфис го „згази“ Сакраменто

Објавено:

Александар-Вокер блеска, Сан Антонио продолжува да победува и без Венбањама

Сан Антонио ја запиша третата последователна победа и тоа повторно без Виктор Венбањама, совладувајќи ја Атланта со сигурни 135-126. Де’Арон Фокс уфрли 26 поени, Келдон Џонсон 25, а најголемата приказна беше на спротивната страна.

Никеил Александар-Вокер уфрли 38 поени(13/17 шут) за Хокси, највисок скор во неговата кариера, но тоа не беше доволно. Атланта падна по вторпат по ред, по серијата од пет победи.

Кај Спарси, одлично издание и од новајлијата Дејвид Џонс Гарсија со 12 поени, 6 асистенции, 5 скока, 3 украдени топки и една блокада, сите во рамките на неговата најдобра вечер сезонава.

Сан Антонио сега е на 11-4, што е најдобар старт по сезоната 2016/17.

Макси со 54 поени: Филаделфија ја доби драмата во Милвоки по продолжение

Тајрис Макси уште еднаш ја запали лигата. Без Џоел Ембид, кој го пропушти и шестиот натпревар поради повредено колено, Макси одигра спектакл со 54 поени (ново личен рекорд) и 9 асистенции за 46 минути на паркетот.

Со два прецизни слободни удари на седум секунди пред крајот, го испрати мечот во продолжение, каде што Сиксерс веднаш направија плус 5 и не дозволија нов пресврт.

Кај Бакс, Рајан Ролинс со 32 поени и 14 асистенции ги одигра најдобрите минути во својата кариера. Но без повредениот Јанис Антетокумпо, Милвоки загуби четири од последните пет натпревари.

Меџик доминираше: Орландо ги „растури“ Клиперси

Орландо продолжува да игра во одлична форма, со пет победи во последните шест натпревари, а вечерва со убедливи 129-101 против Клиперси.

Џејлен Сагс со сезонски максимум од 23 поени и 7 асистенции го водеше нападот, додека Франц Вагнер додаде 20.

Кај Клиперси, Џејмс Харден со 31 поен се обидуваше сам да ја држи екипата во живот. Но без Кавај Ленард, Дерик Џонс јуниор и уште неколкумина повредени, ЛА падна на деветти пораз во последните десет натпревари.

Орландо погоди 18 тројки од 34 обиди (53%), а Сагс уфрли пет уште во првото полувреме.

Катастрофа за Сакраменто: Победа за Гризлис со 41 разлика

Мемфис ја прекина низата од пет порази и тоа на најубедлив можен начин, со убедливи 137-96 против Сакраменто.

Санти Алдама заврши со 29, Јок Лендејл со 21, а Винс Вилијамс со личен рекорд од 15 асистенции, што беше доволно за Гризлис да направат огромна разлика уште во првото полувреме.

Сакраменто, пак, тоне: овој пораз е осми по ред, сите со двоцифрена разлика, а половина се со над 27 разлика.

Зек Лавин со 26 поени беше единствената светла точка. Дополнително, клубот потврди дека Домантас Сабонис има повреда на менискусот, а неговата ситуација ќе се проверува повторно за 3–4 недели.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено