НБА Преглед: Двојно продолжение во Филаделфија, рекорди на Едвардс и доминација на Лејкерс

Објавено:

Атланта ја расипа вечерта на Ембид (142-134 2ОТ)

Филаделфија чекаше момент за враќање на Ембид, но доби драма што ја припадна на некој друг. Џејлен Џонсон ја презеде улогата на антихерој за домашната публика и со две тројки во најтешките секунди го однесе мечот таму каде што Атланта е најкомотна, во хаосот. И тоа не едно, туку две продолженија.
Мекси ја носеше Филаделфија како да е на лична мисија, но двeта промашени слободни фрлања во финишот го отворија патот за првиот колапс, а вториот го заврши Џонсон. Ембид се врати со коректни 18 поени, но вечерта припадна на гостите.

Рокетс со контролирана доминација против Јута (129-101)

Хјустон беше побрз, поагресивен и попрецизен во секој сегмент на играта. Шенгун ја водеше екипата со 27 поени, а Дјурант се врати со стабилни 25. Јута се мачеше со изгубените топки и со темпото што Хјустон го наметна уште од почеток. Ова беше уште една убедлива победа за тим кој одлично ги користи грешките на противникот.

Бостон ја преживеа драмата против Кливленд (117-115)

Селтикс долго водеа убедливо, но Кавалирс го вратија мечот во неизвесност со силен финиш. Притчард постигна 42 поени и ги реализираше клучните фрлања во последните секунди. Гарланд ја намали разликата до една топка, но последниот обид на Мобли заврши кратко. Бостон си замина со победа која не требаше да биде толку напната.

Никс го чуваат тврдиот дом против Торонто (116-94)

Њујорк продолжи да ја контролира играта во Медисон Сквер Гарден. Џош Харт ја водеше екипата со целосна игра, додека Таунс и Брансон го држеа нападот стабилен. Торонто, кој дојде по тежок пораз претходната вечер, не успеа да ја врати енергијата и тешко се носеше со добро организираниот систем на Никс.

Едвардс испишува историја во победата на Минесота (125-112)

Ентони Едвардс постави нов клупски рекорд со уште еден меч над 30 поени, предводејќи го тимот низ доминантна последна четвртина. Рендл ја диктираше организацијата на нападот и со асистенции го одржуваше темпото на Минесота. Сан Антонио, без Вембањама, не можеше да го следи ритамот и покрај добрата партија на Фокс.

Оклохома ја продолжува победничката машина против Портланд (123-115)

Шеј повторно ја реши завршницата со прецизност и смиреност. Холмгрен, и покрај проблемите со личните грешки, даде значаен придонес на двете страни од теренот. Портланд доби историски настап од Авдија, но не успеа да го доврши камбекот. ОКС уште еднаш покажа зрелост во моментите кога најмногу беше потребно.

Лука со силен старт, Лејкерс со уште една сигурна победа (133-121)

Лука Дончиќ постигна 20 поени само во првата четвртина и веднаш го постави тонот на натпреварот. Ривс и Ејтон ја презедоа контролата во продолжение и ја водеа екипата без ЛеБрон. Лејкерс изгледаа стабилно и самоуверено во текот на целиот натпревар. Пеликаните продолжуваат да паѓаат во форма и тешко наоѓаат ритам во одбраната.

Зек Иди ја презеде сцената во Сакраменто (115-107)

Мемфис ја продолжи серијата силни партии на гостински терен и покрај отсуството на Морант. Иди одигра најдобар меч во кариерата со 32 поени и 17 скока и беше непобедлив под кошот. Сакраменто имаше момент на камбек во третиот период, но Мемфис реагираше смирено и го затвори натпреварот со целосна контрола.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено