Чикаго повторно го најде чекорот, а Никола Вучевиќ уште еднаш беше столбот на победата. Со 28 поени и 12 скока, Црногорецот ја водеше екипата до триумф над Вашингтон, кои со 14-ти пораз по ред за Визардс, веќе одамна изгледаат како тим што ја загубил насоката.
Џош Гиди запиша трипл-дабл (18-12-11), Коби Вајт уфрли 20 поени, а Матас Бузелис додаде 13. Вашингтон имаше шанса за последна акција при 5.5 секунди до крај, но Кишаун Џорџ испрати лошо додавање директно во аут, симболика за сезоната која им паѓа во бездна.
Кај Визардс, Кам Витмор и Кори Киспер со по 20 поени беа единствени светли моменти. Тимот останува без победа против Источната конференција.
Меџик го растурија Њујорк, Вагнер незапирлив
Орландо веќе сериозно потсетува на тим кој може да фати долг победнички бран. Франц Вагнер уфрли 37 поени, Дезмонд Бејн 27, а Меџик со 133-121 повторно го победија Њујорк за шестти триумф во последните седум натпревари.
Клучниот момент беше серија од 13-0 во последната четвртина, каде Вагнер сам постигна седум поени и ја скрши отпорноста на Никс. Џејлен Сагс додаде 26, најмногу сезонава.
Џејлен Брансон се обиде да го држи Никс во игра со 33 поени и 11 асистенции, но без резултат.
Харден со 55 поени и 10 тројки, спектакл во Шарлот
Ниту драмата околу Крис Пол ниту кризата на Клиперс не можеше да го засени човекот на вечерта: Џејмс Харден постигна 55 поени со 10 тројки, најдобар учинок сезонава, во победата на ЛА со 131-116 над Шарлот.
Зубац беше одличен со 18 поени, 9 скока и 6 асистенции. Кај Хорнетс, новајлијата Кон Кнеупел уфрли 26 поени, а Брендон Милер се врати со 21, но тимот падна на пет порази по ред.
Атланта стабилна на гостувања, Хоки ги ладат Пеликанс
Најстабилниот дел од сезоната за Атланта продолжува. Кристапс Порзингис со 29 поени, а Вит Крејчи со 21 и седум тројки, ја донесоа победата од 115-98 против Пеликанси, кои паднаа на девет порази по ред.
Јејлен Џонсон беше на праг на трипл-дабл (18-11-9), додека Нју Орлеанс изгледаше исцедено со пет меча во седум дена. Тимот е на 2-15 сезонава.
Детроит беснее: 12-та победа во низа
Пистонс играат како да е 2004. Кејд Канингем со 29 поени, 10 асистенции и 8 скока ги водеше до нов триумф од 129-116 против Милвоки.
Џејден Ајви се врати по тешката повреда и за 15 минути даде 10 поени. Тобијас Харис постигна 18 во своето враќање.
Јанис го пропушти натпреварот, а Детроит е само една победа од израмнување на најдолгата низа во историјата на франшизата.
Мемфис ја украде завршницата, Далас повторно без серии
Санти Алдама погоди клучен продор и ја отвори мини-серијата од 6-0 со која Гризлис славеа со 102-96 во Далас. Кам Спенсер уфрли 17 поени (15 во второ полувреме), а Зек Иди го запиша својот прв дабл-дабл (12-15) сезонава.
Кај Маверикс, Клеј Томпсон со 22 поени и шест тројки беше најдобар, но Далас и понатаму не знае да врзе две победи по ред.
Кингс ја прекинаа црната серија: Вестбрук го врати огнот против Денвер
Во Денвер, Сакраменто го доби најневеројатниот меч на вечерта. Расел Вестбрук уфрли 15 од своите 21 поен во последната четвртина, каде Кингс тотално го „свртија“ натпреварот и на крај славеа 128-123, прекинувајќи ја серијата од осум порази.
Денвер можеше да се потпре само на еден човек – Никола Јокиќ со неверојатни 44 поени, 13 скока и 7 асистенции, вклучувајќи 19 поени во последната четвртина. Но немаше поддршка, ниту од Арон Гордон кој е повреден.
Кај Кингс, Денис Шредер и Вестбрук блескаа со по 21, а Киген Мареј додаде 19.



