Нико Розберг: Шампионот кој си замина на врвот

 

Објавено:

Деновиве јавноста се разбранува откако челникот на Ф1 тимот на Мерцедес, Тото Вулф даде изјава дека сака да го донесе Макс Верстапен во својот тим. Иако неговата желба не е нешто ново, сепак со моменталната ситуација во тимот на Ред Бул, шансите за четирикратниот шампион да го смени тимот се сè поголеми.

А, кога Вулф беше запрашан како би се справил со Верстапен и Расел во истиот тим, тој изјави: “Јас ги имав Хамилтон и Розберг во исто време, сè друго е лесно”.

Па, решивме да ви ја раскажеме приказната за последниот шампион во Формула 1 кој не се викаше Макс или Луис – Нико Розберг, возачот кој ја заврши својата кариера како светски шампион, нешто што малкумина во спортот воопшто го имаат направено.

Извор: Red Bull Content Pool/Getty Images

Роден во автомобилската крвна линија, Нико Розберг е син на легендарниот Кеке Розберг, светски шампион од 1982 година. Со финско-германско потекло, но растен меѓу тркачките патеки, патот кон Формула 1 за Нико изгледаше како природна судбина. Своето деби во Формула 1 го имаше во 2006 година со екипата на Вилијамс, покажувајќи веднаш дека поседува брзина, прецизност и интелигенција на патеката.

Но, вистинската етапа на неговата кариера започна кога се приклучи на Мерцедес во 2010 година. Тоа беше тим во подем, кој наскоро ќе доминира во хибридната ера на Формула 1. Со Розберг зад воланот, Мерцедес започна да го гради својот шампионски проект.

Неминовно, судбината ги спои повторно двајцата некогашни картинг пријатели – Нико Розберг и Луис Хамилтон. Она што започна како младешко ривалство на картинг патеките, прерасна во една од најжестоките и најинтензивните битки во модерната историја на Формула 1.

Извор: Red Bull Content Pool/Getty Images

Од 2014 до 2016 година, Хамилтон и Розберг водеа внатрешна војна под знамето на Мерцедес. Секој контакт, секој обид за претекнување, секое стратешко надмудрување беше под лупа на медиумите и навивачите. Возбудливи трки, инциденти, психолошки игри – нивната битка одбележа една ера.

Кулминацијата дојде во 2016 година. Нико Розберг успеа да го победи Луис Хамилтон и да ја освои титулата светски шампион, исполнувајќи сон што го градел со години. Но, само неколку дена подоцна, на врвот од кариерата, Розберг шокираше со објава дека се повлекува од Формула 1.

“Сакав да ја освојам титулата, и кога го постигнав тоа, знаев дека е време за ново поглавје” изјави Розберг.

Розберг ја заврши својата кариера со 206 извозени трки, 57 подиуми, 30 пол-позиции, 23 победи, 20 најбрзи кругови и 1 шампионска титула.

Вчера Нико Розберг го прослави својот 40 роденден, а неговото име останува врежано како пример за стратегија, интелигенција и храброст да се замине на самиот врв.

Извор: https://www.wsj.com
 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено