Фудбалскиот клуб Њукасл Јунајтед излезе со официјално соопштение во кое најави дека формално ќе ја извести УЕФА, Олимпик Марсеј и француската полиција за „неприфатливиот третман“ што го доживеале нивните навивачи од страна на полицијата по натпреварот од Лигата на шампионите во вторникот.
Инцидентот се случил по завршувањето на мечот на „Велодром“, кога навивачите на Њукасл биле задржани во стадионот до еден час по наредба на локалните власти, со цел да се обезбеди нивна безбедност при напуштање на објектот.
Според клупското соопштение, планот бил навивачите да се движат во групи од по 500 лица, придружувани од полициска ескорт до метро станицата. Њукасл потенцира дека нивните навивачи, и покрај разочарувачкиот резултат, „трпеливо чекале и без инциденти“ во текот на периодот на задржување.

„Непотребна и несразмерна сила“
Проблемите настанале кога била ослободена првата група. Како што соопштува Њукасл, полицијата почнала да употребува „непотребна и несразмерна сила“ за да го спречи движењето на останатите навивачи.
Ова било спроведено преку комбинација на бибер спреј, палки и штитови, при што голем број навивачи биле неселективно нападнати од полицијата.
Во соопштението се наведува дека многу навивачи биле видно вознемирени, а на горното ниво на трибината настанала и стампедо ситуација. Персоналот на Њукасл веднаш реагирал, но тоа имало ограничено влијание врз „прекумерната тактика“ на полицијата.
Њукасл Јунајтед нагласува дека безбедноста и благосостојбата на навивачите се од најголема важност и клубот „силно го осудува“ третманот на нивните навивачи од страна на полицијата.
Клубот повикува на формална истрага од УЕФА, Олимпик Марсеј и локалните власти со цел да се научат лекции и таквото однесување да не се повтори. Њукасл активно собира докази од своите навивачи кои биле присутни, кои ќе бидат споделени со УЕФА и другите надлежни организации.



