Официјално: Душан Танасковиќ се враќа во МЗТ Аеродром!

Објавено:

Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром го комплетираше својот ростер за продолжението од сезоната со звучно враќање под кошевите. Во „сино-белиот“ дрес повторно ќе настапува центарот Душан Танасковиќ, откако тимот од Аеродром успеа да ја добие трката за неговиот потпис пред грчкиот тим ПАОК.

Искусниот српски центар (1998) ќе претставува значително засилување во рекетот, што е клучно за остварување на примарната цел на МЗТ Скопје – враќање во елитната АБА лига.

Танасковиќ е добро познат на фановите, бидејќи беше дел од тимот во сезоната 2023/2024, кога МЗТ Скопје ја освои тројната круна на домашната сцена (првенство, куп и суперкуп). Со своите константни и одлични партии тој беше еден од најзаслужните кошаркари за големиот успех на клубот во таа сезона.

По заминувањето од Скопје, Танасковиќ настапуваше за Мега, а актуелната сезона ја започна во Борац Бања Лука. Во дресот на Борац во АБА 2 лигата, тој одигра четири натпревари со одлични просеци од 13 поени и 7,5 скока по натпревар, докажувајќи дека е во одлична форма.

Со враќањето на Танасковиќ, МЗТ Скопје ги зајакнува своите амбиции во пресрет на клучниот дел од сезоната во АБА 2 лигата.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено