Раководството на ФК Вардар продолжува со својата мисија да го задржи костурот на тимот во битката за шампионската титула. Најновата „жртва“ на вардаровата упорност е шкотскиот премиерлигаш Хартс.
„Мато не се продава… засега?“
Од клубот излегоа со јасен став:
„Управата и стручниот штаб целат кон освојување на двете титули во македонскиот шампионат, како и поубедлив настап во Европа. Речиси и не се размислуваше за продажба на најдобриот стрелец во лигата со 12 погодоци“, се вели во соопштението.
Ова не е првпат Вардар да одбива понуди за репрезентативецот на Уганда. Летово беше одбиена и понудата од алжирскиот ЈС Кабили.
Исто така, од клубот потврдија дека Мато е целосно заздравен од скршеницата на стапалото и е подготвен за пролетниот дел од сезоната.
Став на Спортска Станица: Игра на нерви и кревање на цената
Иако официјалниот став е „НЕ“, во светот на фудбалот ништо не е конечно додека не заврши преодниот рок. Наше мислење е дека Вардар тешко ќе го задржи Мато до крајот на јануари, особено ако пристигне понуда која „не се одбива“.
Одбивањето на 350.000 евра од Хартс можеби е само тактички потег за да се извлече повисока сума за играч кој неодамна постигна гол против Нигерија на АФКОН и чија пазарна вредност е реално поголема. Веруваме дека во канцелариите на Вардар веќе се разгледуваат опции за негова замена, а ова е само начин да се покаже дека „црвено-црните“ не се распродаваат евтино.
Останува да видиме дали Мато ќе ја заврши сезоната во Скопје или сепак ќе го видиме во некоја посилна лига пред летото.



