Остин Ривс во историска ноќ: 51 поен и херојска победа на ЛА Лејкерс!

Објавено:

Без Леброн Џејмс и Лука Дончиќ, Лос Анџелес Лејкерс се соочија со речиси невозможна мисија на гостувањето кај Сакраменто Кингс. Но, Остин Ривс имаше други планови.

Со неверојатна партија и 51 поен, тој постави нов личен рекорд во кариерата, Ривс ги водеше Лејкерси до првата гостинска победа во сезоната, покажувајќи дека е подготвен да ја преземе улогата на лидер кога најмногу треба.

“Требаше да излезам и да бидам голем за тимот”, рече Ривс по натпреварот. “Не размислував да постигнам 50 поени, само да направам сè што е потребно за победа”.

Ривс беше безмилосен кон одбраната на Кингс – погоди 21 од 22 слободни фрлања, додаде 11 скокови и 9 асистенции, а имаше само две изгубени топки. Со индекс од плус 22 за 39 минути на паркетот, тој влезе во историјата како само седмиот играч во НБА кој постигнал најмалку 51 поен, 11 скокови и 9 асистенции на еден натпревар.

“Беше фантастичен”, изјави тренерот на Лејкерси, Џеј Џеј Редик. “Правеше сè – напаѓаше, креираше, се бореше. Тоа е неговата природа, живее за конкуренција”.

Лејкерси повторно беа без Леброн Џејмс, кој сè уште се опоравува од проблем со ишијас, и Лука Дончиќ, кој претрпе повреда на прст и контузија на левата нога.

Според “The Athletic”, нема долгорочна загриженост за Дончиќ, но тој ќе паузира околу една недела. Тоа значи дека ќе ги пропушти трите гостувања против тимовите од Западот – Сакраменто, Минесота и Мемфис.

Дончиќ започна неверојатно во новата сезона, со 92 поени во првите два натпревара, вклучувајќи 49 поени, 11 скокови и 8 асистенции во триумфот над Тимбервулвс.

Покрај Џејмс и Дончиќ, Лејкерси останаа и без Гејб Винсент, кој го повреди глуждот во текот на натпреварот, како и без Џексон Хејс, Аду Тиеро и Макси Клебер.

Со само осум здрави играчи, Лејкерси ја извојуваа една од највредните победи оваа сезона, победа во која Остин Ривс го покажа срцето на шампион.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено