Новиот кошаркарски земјотрес доаѓа од Њу Орлеанс. Пеликанс официјално го отпуштија тренерот Вили Грин, само 12 мечеви по стартот на сезоната, по катастрофалниот старт од 2-10 и дури три порази со повеќе од 30 разлика.
Џејмс Борего, досегашниот асистент и човек кому клубот одамна му „подготвуваше терен“, ја презема улогата на привремен тренер, а Џо Дамарс најави дека најверојатно ќе го води тимот до крајот на сезоната.
Грин: од надеж до разочарување
Вили Грин (44) ја водеше франшизата пет сезони. На почетокот, сите му предвидуваа светла иднина откако обезбеди две учества во плејоф и 49 победи во една сезона, првпат по 2009 година.
Но последната година беше распад. Повредите, посебно на Зион Вилијамсон и Брендон Инграм, го претворија проектот во лавиринт: Пеликанс завршија со скор 21-61, по што си замина претходниот извршен шеф Дејвид Грифин.
Иако Грин го „преживеа“ доаѓањето на новото раководство, сите знаеја дека е само прашање на време. Дури и Грифин минатата сезона се обидел да го отпушти среде година и да го постави Борего, но бил стопиран од сопственичката Гејл Бенсон.
Дамарс беше јасен: најголемиот проблем не бил скорот, туку начинот на игра. „Не гледав никаков идентитет. Не знаевме кои сакаме да бидеме. Тоа е причината за промената.“
Во првите 12 мечеви Пеликанс делуваа бледо, без јасна филозофија, без дефанзивна цврстина и без насока. Грин во четири сезони само 73 пати ги имаше Зион и Инграм здрави во исто време, бројка што кажува сè за хаосот околу франшизата.
„Треба да знаеме кои сме. Треба да бидеме цврсти, дефанзивни, дисциплинирани. И тоа го гради тренерот“, истакна Дамарс.
Борего веќе двапати ја водеше екипата кога Грин беше болен. Сега мисијата е поголема: конечно да дефинира кој е Њу Орлеанс.



