Последното коло пред еднонеделната ФИБА-пауза донесе големи победи, луди пресврти и болни порази, особено за тимовите од регионот.
Панатенаикос 91–69 Партизан
Најочекуваниот меч за регионалната публика заврши со уште еден тежок удар за Партизан. Иако тимот на Жељко Обрадовиќ одлично го отвори мечот и го доби првиот период со 27–31, ПАО го сврте ритамот во вториот дел и не се осврна назад.
Клучниот момент беше лудата 21–0 серија во третиот период, во која Кендрик Нан погоди 8 поени по ред и практично го реши натпреварот.
Панатинаикос се искачи на делба на првото место со 9–4, додека Партизан тоне на 4–9 и оди на пауза со сериозни прашања пред себе.
Кендрик Нан постигна 26 поени, 7 скока, 4 асистенции, а Браун беше единствен двоцифрен за Партизан со 16 поени.
Дубаи 90–89 Париз
Дубаи остана непоразен дома по нов трилер. Иако гостите од Париз поведоа со плус 17 во втората четвртина, Филип Петрушев го запали моторот, а во финишот МекКинли Рајт ја презеде контролата. Со тројка на Андерсон и сигурни слободни на Рајт, Дубаи поведе со 90–86, а Хифи со тројка на крајот само го намали резултатот.
Петрушев заврши со 19 поени, Рајт со 24 поени, што е најдобар скор во неговата кариера. Париз падна на 5–8.
Фенербахче 66–64 Болоња
Тврда кошарка во Истанбул, со дефанзивна војна од првата до последната минута. Ниедна екипа не успеа да направи двоцифрена разлика, а мечот се решаваше во последниот напад, кога Николо Мели ја запечати победата.
Фенербахче го затвора ноември со 4/4 и се искачува на 8–5, додека Виртус Болоња паѓа на 6–7.
Жалгирис 82–67 Басконија
Жалгирис со историски пресврт и 20–2 серија во последните 12 минути за сигурна победа, иако Басконија водеше три четвртини. Франциско доминираше со 23 поени и 11 асистенции, а тимот од Каунас оди на паузата со солидни 8–5.
Хапоел Тел Авив 74–75 Реал Мадрид
Прв меѓусебен меч, прва драма. Реал со минимални 74–75 успеа да избега од Бугарија (каде се играше оваа средба) со победа. Хезоња беше расположен со 19 поени, а Авторитетните од Мадрид ја прекинаа серијата на Хапоел кој сега е 9–4.
Валенсија 90–67 Баерн Минхен
Валенсија доминираше дома за петта последователна победа пред своја публика. Со силен финиш од првото и силен старт на второто полувреме, Шпанците направија 24–4 серија за вкупни 8–5 на табелата. Баерн падна на 5–8 по четвртиот пораз во низа.



