Шесттото коло од Евролигата донесе вистински спектакл со четири возбудливи натпревари, драматични пресврти и неколку силни пораки од фаворитите. Најмногу внимание, се разбира, привлече она што се случуваше во Белград, каде што Партизан првпат сезонава падна пред својата публика.
Партизан 83–101 Париз Баскетбол
Партизан Моцарт Бет загуби убедливо со 83–101 од Париз Баскетбол, во натпревар кој го означи нивниот прв домашен пораз оваа сезона во Евролигата.
Францускиот тим одигра зрел, динамичен и неверојатно организиран натпревар, предводен од расположениот Надир Хифи, кој постигна 21 поен, 5 скока и 3 асистенции. Помош имаше од Себастијан Ерера (17 поени) и Јакуба Уатара (14 поени), додека Партизан беше држен во игра речиси единствено од Стерлинг Браун (25 поени) и Дуане Вашингтон (16).
Првото полувреме беше изедначено и полно со енергија, а по првата четвртина резултатот беше 26–26. Вашингтон со три тројки го држеше Партизан во ритам, но Хифи беше нереално ефикасен со 4/4 од игра за само 10 минути. До паузата, Париз водеше 46–48, а тогаш започна вистинската криза на домаќинот.

Во третата четвртина, нападот на Партизан целосно застана – промашени шутеви, изгубени топки и слаба транзиција, што Париз вешто го искористи. Гостите направија серија од 2–15 и се одлепија на 51–66, а пред последната четвртина веќе имаа сигурна предност од 60–71. Последниот период донесе тотална контрола на Париз, кој ја замолкна публиката и триумфираше со двоцифрена разлика.
Партизан со овој пораз падна на биланс 3–3, додека Париз се издигна на 4–2 и покажа дека оваа сезона не е изненадување, туку сериозен конкурент.
Виртус Болоња 92–74 Панатинаикос
Во Болоња, Виртус покажа дека домашниот терен е негова тврдина. Тимот на Лука Банки остана непоразен дома по сигурна победа над Панатинаикос.
Карсен Едвардс беше лидер со 22 поени, а Ален Смаилагиќ одигра фантастичен натпревар против својот поранешен клуб, постигнувајќи 14 поени и неколку клучни блокади. Италијанскиот тим ја контролираше играта од самиот почеток со агресивна одбрана, брза транзиција и голема самодоверба.
Панатинаикос изгледаше уморно и без идеи. Кендрик Нан се обиде да ја задржи екипата во игра со 19 поени, но тоа не беше доволно против колективот на Виртус кој едноставно изгледаше посилно, посигурно и подобро подготвено.
Баерн Минхен 71–96 Олимпијакос
Олимпијакос покажа дека и покрај неколкуте осцилации на стартот на сезоната, останува меѓу најсериозните кандидати за титулата. Грчкиот гигант буквално го “прегази” Баерн во Минхен, со 71–96.
Тајлер Дорси беше прв стрелец со 19 поени, а Саша Везенков додаде 18, повторно потсетувајќи на своите МВП денови. Олимпијакос рано ја презеде контролата и не ја испушти до крај. Баерн се обиде преку Андреас Обст (15 поени) да одговори, но гостите едноставно беа на друго ниво физички, технички и тактички.
Анадолу Ефес 69– 79 Фенербахче
Истанбулското дерби донесе страст, енергија и голема борба, но и јасна порака дека Фенербахче е повторно опасен. Ефес започна фуриозно со серија тројки и брзо водство, но Фенер се врати во игра со силна одбрана и одлична организација.
До крајот на натпреварот, составот на Шарунас Јасикевичиус целосно го неутрализираше нападот на Ефес. Скоти Вилбекин и Девон Хол постигнаа по 12 поени, а Вејд Болдвин додаде 10 поени и 8 асистенции. Кај Ефес, Ник Вајлер-Баб имаше 17, но тоа беше премалку против подобриот тим на ноќта.


