Перез го „исполни“ изборното ветување, Атлетико возврати брутално: „Нè смеете повеќе и од Барса!“

 

Објавено:

Дека Флорентино Перез е веројатно најголемиот политички стратег во модерниот фудбал дознавме уште пред два дена кога тактички ги доби претседателските избори во Реал Мадрид. Но, помалку од 48 часа по неговиот нов мандат, на сцена стапи неговиот следен голем шаховски потег. Реал Мадрид вечерва излезе со сензационално официјално соопштение во кое потврди дека до градскиот ривал Атлетико Мадрид испратил рекордна понуда од 150 милиони евра за потписот на аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварез (26). Понудата експресно беше одбиена, но зад оваа трансфер-бомба всушност се крие брутално смислен политички блеф на Перез.

Ветувањето е исполнето: Како Перез излезе „чист“ пред навивачите

За да ја сфатиме оваа трансфер-игра, мора да се вратиме само неколку дена наназад. За време на изборната кампања, Перез јавно на шпанската телевизија вети дека „веднаш во вторник ќе испрати рекордна понуда од 150 милиони евра за докажан Галактико кој не игра во Англија и не е дефанзивец“. Првична желба на новиот тренер Жозе Мурињо беше Мајкл Олисе, но Баерн Минхен експресно ги затвори вратите за преговори.

Во тој момент, Перез се најде во тесно со сопственото ветување. Поради тоа, тој ја префрли целта кон Хулијан Алварез, совршено свесен дека Атлетико Мадрид апсолутно никогаш нема да ја прифати таа понуда и дека ќе се повика на неговата откупна клаузула (која е далеку повисока). Сценариото беше перфектно изрежирано: Реал Мадрид испраќа официјална понуда, Атлетико ја одбива, а Перез пред навивачите и медиумите излегува со кренати раце и чист образ велејќи: „Јас го одржав моето изборно ветување и ги понудив парите, но тие одбија да преговараат“.

Инсајдерите веќе потврдија дека „кралевите“ немаат намера да ја зголемат понудата, што јасно докажува дека целта беше само да се задоволи формата и да се смири гласот на социјалните мрежи, додека вистинскиот буџет всушност ќе се чува за позициите кои Мурињо реално ги бара – десен бек, лев бек, лидер во одбраната и креативен играч за врска.

Брутален одговор од „Метрополитано“: „Нè смеете повеќе и од Барселона!“

Но, ако Перез мислеше дека Атлетико ќе премолчи џентлменски, жестоко се излажа. „Јорганџиите“ брзо го прочитаа неговиот ПР-блеф и социјалните мрежи буквално експлодираа по нивното „разјаснувачко“ соопштение во кое брутално го исмеаја својот сограѓанин и најголем ривал.

Атлетико Мадрид објави четири точки кои буквално го запалија фудбалскиот свет:

„Официјално соопштение со наши разјаснувања по повод соопштението на нашите соседи Реал Мадрид:

Го скративте делот од видеото со Папата каде што тој вели дека исто така е навивач на Атлетико.

Можеби сте ја помешале пристојноста со благодарност, но чисто за да биде јасно: не ви благодариме за ништо.

Ниту ја разгледуваме, ниту ја евалуираме која било понуда за Хулијан Алварез.

Како може да не се сложуваме добро, кога нè смеете дури и повеќе од Барселона?

П.С. Искористувајќи ги ‘добрите односи’ со вашиот нов претседател, да видиме дали конечно ќе престанете да ни ги ‘крадете’ децата од нашата фудбалска академија. Многу ви благодариме!“ – соопштија луто од таборот на Диего Симеоне.

Војна на институционално ниво: Ел Класико во сенка на градската омраза

Хулијан Алварез зад себе има фантастична сезона во која постигна 20 голови на 49 мечеви (дури 10 во Лигата на шампионите), по неговиот трансфер од Манчестер Сити за 95 милиони евра. Ова не е првпат Атлетико јавно да војува за него, откако минатиот месец брутално ја исмеаја и Барселона, објавувајќи лажни монтажи со Ламин Јамал во замена за билети за концерт на Бед Бани, потсетувајќи ги Каталонците на нивниот корупциски скандал „Негреира“.

Но, омразата меѓу Реал и Атлетико во последните години достигна сосем друго ниво. Болните рани од загубените финалиња на Атлетико во ЛШ во 2014 и 2016 година сè уште се провокација на „Бернабеу“, каде навивачите редовно пеат: „Годините минуваат, тие сè уште плачат како во Лисабон и Милано“. Односите комплетно се заладија кога Реал притисна за Суперлигата, а Атлетико застана на страната на УЕФА. Сега, војната се префрли дури и на културен план – додека на „Метрополитано“ се организираат десет последователни концерти на Бед Бани, Перез на реконструираниот „Бернабеу“ го нагости Папата Лав XIV.

Едно е јасно – Перез ја заврши својата изборна претстава, ги изми рацете пред навивачите со „понудени“ 150 милиони евра, а мадридското ривалство доби уште едно вжештено поглавје кое дополнително ќе ја запали претстојната сезона во Ла Лига.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено