Проект „NBA Europe 2027“: Манчестер Јунајтед, ПСЖ и Рома влегуваат во кошарката?

Објавено:

Дали сме на прагот на најголемата револуција во историјата на европската кошарка? Додека Евролигата се соочува со внатрешни превирања, НБА лигата тивко, но сигурно, го подготвува теренот за своето проширување на европско тло.

Според последните информации и анализи, планот за „NBA Europe“ не е само идеја, туку конкретен проект кој цели кон старт во октомври 2027 година.

Заменик-комесарот на НБА, Марк Тејтум, неодамна потврди дека лигата активно работи на овој процес, наговестувајќи дека во проектот ќе бидат вклучени и фудбалски гиганти кои моментално немаат кошаркарски секции.

Структурата: 16 тима, 12 градови и „фудбализација“ на кошарката

Планот предвидува лига од 16 тима, каде што јадрото ќе го сочинуваат 12 постојани франшизи лоцирани во најголемите европски метрополи. Она што е фасцинантно е листата на потенцијални учесници. НБА сака големи пазари, инфраструктура и брендови.

Тејтум отворено ги спомена фудбалските гиганти:

„Мислам дека ќе видиме одредени фудбалски клубови кои денес немаат кошаркарски тимови, како ПСЖ, Манчестер Јунајтед или Рома, како се вклучуваат во ова“, изјави Тејтум.

Листата на целни градови вклучува: Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Берлин, Минхен, Мадрид, Барселона, Милано, Рим, Атина и Истанбул.

Извор: https://www.reddit.com/ {r/nba -> u/agecasev}

Како би изгледал системот? (Графички приказ)

Според предложениот модел кој кружи во кошаркарските кругови, НБА Европа нема да биде целосно затворена лига, туку врв на пирамидата што ќе соработува со ФИБА и Евролигата.

Предлог-структурата сугерира:

  • NBA European League: 16 тима (12 постојани + 4 преку квалификации/промоција).
  • Второ ниво: Евролигата и ФИБА Лигата на шампиони би служеле како „филтер“ за влез во елитата.
  • Меритократија: Претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, инсистира на тоа дека националните лиги мора да имаат значење. „Ако тим надвор од франшизите ја освои шпанската или италијанската лига, ќе има можност да игра во оваа конкуренција“, вели тој.
Извор: https://www.reddit.com/ {r/nba -> u/agecasev}

Предизвикот: Инфраструктура и традиција

Најголемата пречка не се парите, туку салите. НБА стандардите бараат мултифункционални арени кои многу европски клубови ги немаат. Лондон Лајонс веќе се согласија да градат нова арена, но тоа е процес од минимум 4 години.

Дополнително, постои скептицизам кај традиционалните фанови. Дали вклучувањето на Манчестер Јунајтед (кој имал кошаркарски тим во 80-тите) е само „лов на пари“ или вистински обид за популаризација на спортот во Велика Британија?.

Едно е сигурно, НБА не доаѓа да ја уништи европската кошарка, туку да ја трансформира во бизнис модел кој ќе генерира профит, нешто што Евролигата со децении не успева да го направи.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено