Сабаленка „удри“ по ВТА: „Ова е лудило, ќе плаќам казни, но ќе прескокнувам турнири!“

Објавено:

Најдобрата тенисерка на светот, Арина Сабаленка, упати жестоки критики до раководството на ВТА (WTA) поради „нехуманиот“ распоред на турнири. По победата над Сорана Кирстеа во Бризбејн, светската број еден не ги штедеше зборовите, нарекувајќи го актуелниот календар на професионалните тенисерки „целосно лудило“.

Проблемот лежи во задолжителните турнири од серијата 1000 и 500, кои ако се пропуштат, носат строги финансиски казни и одземање на бодови од ранг-листата. Минатата година, Сабаленка и Ига Швјонтек веќе беа казнети со бодови бидејќи не одиграа доволно турнири од категоријата 500.

„Ги следат само своите интереси, а не нашето здравје“

Сабаленка призна дека минатата сезона играла дури и кога била тешко болна или физички исцрпена, само за да ги избегне санкциите.

Сезоната е дефинитивно луда и тоа не е добро за никого. Гледате колку многу играчи се повредуваат. Правилата за задолжителни настапи се трик. Јас решив оваа сезона да прескокнам неколку турнири за да го заштитам моето тело, дури и ако ВТА ме казни на крајот на годината. Тие си ги гледаат само своите интереси, а воопшто не се фокусирани на тоа да нè заштитат нас“, изјави Сабаленка.

Тениски бунт на двете страни: Алказар, Швјонтек, Синер…

Ова не е првпат елитата да крене глас. Претходно и Ига Швјонтек изјави дека календарот е „безумие“, додека првиот светски рекет кај мажите, Карлос Алкараз, алармираше дека ваквиот распоред „полека ќе ги убие играчите“.

Тензиите се зголемуваат пред почетокот на Австралија Опен, кој започнува на 18 јануари. Тенисерите бараат поголем збор во тоа како се водат турнирите, подобро здравствено осигурување и слобода сами да одлучуваат каде ќе се натпреваруваат без страв од драконски казни.

Сабаленка утре во четвртфиналето на Бризбејн ја чека дуел против Медисон Кис, што е реприза на минатогодишното финале од Мелбурн, но нејзините пораки надвор од теренот одекнуваат многу посилно од нејзините сервиси.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено