Шампионска лекција во „Јане Сандански“: МЗТ убедлив во градското дерби против ТФТ

Објавено:

Кога шампионот ќе реши да игра, дилеми нема. МЗТ Скопје Аеродром вечерва во СЦ „Јане Сандански“ испрати јасна порака до целата лига: Трофејот не мрда од Аеродром!

Во градското дерби на 7. коло, „штрковите“ го совладаа амбициозниот состав на ТФТ Скопје со убедливи 80-67, со што ја комплетираа перфектната серија против директните ривали, по Куманово и Пелистер, падна и тимот од Тафталиџе.

Од „егал“ до лекција за 10 минути

Натпреварот започна според очекувањата на Васко Атанасов. МЗТ рано воспостави контрола и поведе со 21-11, најавувајќи ја својата доминација. Сепак, ТФТ покажа заби во втората четвртина. Предводени од расположениот Дарин Говенс, гостите успеаја да се доближат на само „минус три“ (35-32), внесувајќи неизвесност во мечот.

Но, тоа беше само сигнал за будење на ѕверот. МЗТ одговори со брза серија од 7-0 за да замине на полувреме со комотни 44-33.

Пресудната трета четвртина

Клучниот момент се случи во третиот период. ТФТ повторно се закани, стигнувајќи до 46-44, но тука застанаа. Аеродромци ја „заклучија“ одбраната, а во нападот Елајџа Мекејден и Андреј Магдевски ја презедоа одговорноста.

МЗТ го заврши третиот квартал со фуриозна игра и предност од 15 разлика (68-53), што се покажа како недостижно за противникот. Последната четвртина беше само рутина и одржување на разликата.

Мекејден лидер, Говенс осамен кај ТФТ

Најзаслужен за триумфот беше Елајџа Мекејден кој постигна 20 поени (шут од игра 7/10) и додаде 3 скока. Одлична партија пружи и плејмејкерот Андреј Магдевски со 17 поени и 5 асистенции.

Кај поразените, Дарин Говенс беше најефикасен на мечот со 23 поени, но немаше доволно поддршка од соиграчите, освен од Стенли Дејвис кој уфрли 19 поени.

Со оваа победа, МЗТ останува на врвот и потврдува дека е „класа над“ конкуренцијата во овој момент.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено