Еден ден по застрашувачките сцени во Одензе кои одново го шокираа фудбалскиот свет, Кристијан Ериксен (34) се огласи на социјалните мрежи со официјално соопштение. Искусниот играч за врска на Волфсбург ги смири навивачите со потврда дека веќе е пуштен од Универзитетската болница и се наоѓа дома, но воедно откри и клучни медицински детали – неговиот вграден дефибрилатор (ИЦД апарат) морал активно да реагира на тревникот за да го заштити неговото срце од кобна аритмија.
Медицинските анализи и телеметријата покажаа дека апаратот, кој му беше вграден по срцевиот удар на ЕП 2020, детектирал опасна неправилност во работата на срцето во 65. минута од пријателскиот меч со Украина и веднаш испорачал струен шок – момент кој објаснува зошто Ериксен во паника се фати за градите пред да падне во краткотрајна несвест.
„Примањето шок од апаратот е огромен удар за моето семејство“
Ериксен во својата порака не ја криеше емотивната тежина на целиот настан, но упати огромна благодарност до лекарите кои со години се грижат за неговото здравје, како и до фудбалерите на двете репрезентации кои веднаш направија заштитен круг околу него.
„Сакам да ги известам сите дека сум добар и дека веќе се наоѓам дома со моето семејство. Како што веројатно можете да замислите, примањето на струен шок од мојот ИЦД апарат имаше огромен емотивен удар како за мене, така и за целото мое семејство. Но, сакам да ги уверам сите дека ова беше сосем поинаква ситуација од онаа што се случи во 2021 година во Копенхаген. Се чувствувам добро и моето закрепнување веќе започна“, порача Ериксен.

Данскиот интернационалец упати специјална порака до медицинските тимови кои реагираа во Одензе:
„Покрај тоа што сум бескрајно благодарен за поддршката и брзата асистенција од сите играчи и медицинскиот тим на самиот терен, неизмерно сум им благодарен и на докторите кои со години се грижат за мене и за моето срце. Благодарение на нивната стручност, мојот дефибрилатор го направи точно она за што беше дизајниран: ме заштити тогаш кога ми беше најпотребно“.
Фудбалот ќе почека: Поддршка од Волфсбург, Јунајтед и Тотенхем
Позитивните вести за брзото отпуштање од болница донесоа огромно олеснување кај неговиот матичен клуб Волфсбург, каде Кристијан зад себе има одлична сезона со 34 одиграни мечеви во Бундеслигата. Пораки со поддршка експресно пристигнаа и од неговите поранешни домови каде остави неизбришлив белег – Манчестер Јунајтед и Тотенхем веднаш испратија пораки со љубов и сила до фамилијата Ериксен.
Иако спортската јавност и медиумите во Данска веќе ја отвораат дебатата за тоа дали ова е дефинитивниот крај на неговата професионална кариера и дали е безбедно повторно да стапне на фудбалски терен, самиот Ериксен јасно стави до знаење каде се неговите приоритети во моментов.
„Засега, мојот главен фокус е ставен на комплетно закрепнување, поминување квалитетно време со моето семејство, заминување на планиран летен одмор и играње фудбал во дворот со моите деца“, заврши големиот дански ас.
Кампањата на Данска и Украина на пријателски план заврши во сенка на овој настан (натпреварот беше дефинитивно прекинат при резултат 2-1 за Данците), а со оглед на тоа што двете селекции не обезбедија пласман на Светското првенство кое започнува во четврток, Ериксен ќе го има целиот мир на светот да се посвети на здравјето во кругот на најблиските.



