Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, одржа прес-конференција во Даблин пред утрешниот дуел против Република Ирска. По болниот пораз од Данска во баражот за СП 2026, Седлоски испрати јасна порака до сите фудбалери, но и ги најави првите чекори за „ремонтот“ на националниот тим.
Крај за импровизациите на десната бековска позиција?
Една од главните теми беше отсуството на искусните Стефан Ристовски и Аријан Адеми, особено по проблемите со страничните позиции кои беа очигледни во Копенхаген. Седлоски потврди дека веќе остварил контакт со нив за нивно потенцијално враќање во јунскиот циклус.
„Разговарав и со Стефан Ристовски и со Аријан Адеми за понатаму. Вратите во репрезентацијата за никого не се затворени. Од јуни сигурно ќе има освежувања и нови имиња во националниот тим за сè она што нè очекува во Лигата на нации од септември“, откри селекторот.
Остра порака до незадоволните: Никој не е поголем од Македонија
Седлоски не ги премолче ниту внатрешните турбуленции и незадоволството кај дел од играчите (Миовски и Трајковски) по мечот со Данска. Тој децидно порача дека култниот дрес не трпи суети.
„Тие што не сакаат да играат треба да знаат дека во репрезентативниот дрес не се игра ниту за себе, ниту за селекторот, туку за Македонија. Кој не сака да игра за својата земја, не можеме да го натераме. Местото во првиот тим за никого не е резервирано однапред. Мојот критериум е јасен – играчите кои имаат поголема минутажа во своите клубови, тие треба да бидат стартери“, дециден е Седлоски.
Ротации во Даблин: Седлоски најави осум измени за дуелот со Ирска
Иако утрешниот натпревар против Република Ирска (20:45 часот) нема резултатско значење по елиминацијата од баражот, селекторот Гоце Седлоски најави дека овој дуел е почеток на создавањето на новиот лик на Македонија.
Поразот од Данска сè уште пече, но селекторот бара од фудбалерите брза реакција и докажување на теренот.
За разлика од дуелот во Копенхаген, Македонија утре ќе истрча со значително изменет состав. Седлоски потврди дека планира да им даде шанса на играчите кои беа во втор план.
„Болат поразите, а ова беше многу важен натпревар. Ги анализиравме грешките од тие десет минути против Данска кога ги примивме головите. Утре ќе има измени, но нема да го менувам целиот тим. Се договоривме за осум замени и ќе го изротирам ростерот за да видам со што располагаме за следните предизвици“ ,изјави Седлоски.
Селекторот очекува тежок натпревар против Ирците кои исто така доживеаја болен пораз во Прага. Целта на Македонија ќе биде да им парира на „островјаните“ со посед и комбинаторика, обидувајќи се да го поправи впечатокот пред пријателските средби во јуни и настапот во Б-дивизијата во Лигата на нациите.



