Македонската кошаркарска репрезентација го заврши ноемврискиот „прозорец“ со максимален учинок. Две победи (над Азербејџан и Ирска) и прво место во групата А од претквалификациите за Евробаскет 2029.
Селекторот Марјан Илиевски не го крие задоволството, не само од резултатите, туку од карактерот и енергијата што ја покажаа неговите избраници, особено на жешкиот терен во Даблин.
За пресвртот и „тепачката“ во Даблин
Илиевски признава дека почетокот во Ирска бил лош, но тимот покажал ментална сила.
„Од негатива и од лош почеток се вративме во втората четвртина… Одговоривме на агресивноста на Ирска, која беше на граница на прекршок, на најдобар можен начин“, анализира селекторот.
Сепак, тој нотира и еден сегмент кој мора да се поправи – градењето на кошот.
„Имавме проблем со офанзивниот скок на Ирска… Не натскокаа и тие поени што беа од втора шанса, вкупно 20, направија ривалот да биде во таа минимална предност претходно“.
Се создава „нешто позитивно“
За Илиевски, најголемата победа не е онаа на семафорот, туку онаа во соблекувалната. Тој потенцира дека хемијата во тимот е на завидно ниво.
„Да бидеш во колектив, каде никој не се штеди, е прв показател дека се случува нешто позитивно и дека сме на добар пат. Среќен сум и горд на играчите… дури и до оние кои не влегоа да играат и беа со тимот. Сите си беа поддршка еден на друг“.
Следна станица: Луксембург (Февруари)
Македонија сега е на делба на првото место со Луксембург, нашиот следен противник кој доаѓа во Скопје на 27 февруари. Илиевски предупредува дека формата е променлива категорија.
„Луксембург е со идентичен квалитет како овој ривал (Ирска) што го имавме сега… За нас најважно е здравствениот биланс да биде како што треба кога повторно ќе се собереме“.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



