Нова сезона, нови правила, нови болиди, но за некои возачи во Формула 1, старите проблеми остануваат, а новите веќе тропаат на вратата.
Како што анализира авторитетниот The Race, почетокот на 2026 година носи огромни предизвици за неколку врвни имиња. За нив, ова не е само прашање на победа или пораз, туку прашање на опстанок, наследство и иднина во кралската класа.
Еве кои шест возачи се наоѓаат пред најголем притисок оваа сезона:
1. Фернандо Алонсо: Духовите од минатото (Хонда) се враќаат

Има нешто сурово иронично во фактот што залезот на кариерата на Алонсо може да биде уништен од истиот фактор што му ги загорчи деновите пред една деценија, моторите на Хонда.
Шпанецот чекаше две децении за да вози болид дизајниран од Адријан Њуи, но Астон Мартин во 2026 влегува со сериозни прашалници. Пакетот изгледа компромитирано, со недостаток на перформанси и проблеми со доверливоста (најлошото можно сценарио за Алонсо). Големите амбиции сега висат на конец, а трпението на 44-годишниот ветеран ќе биде ставено на сериозен тест. Доколку проектот не покаже брз напредок, ова би можело да биде горчлив крај на неговата Ф1 приказна.
2. Луис Хамилтон: Да се победи или да се биде победен од Леклер?

Ниту еден возач нема повеќе да загуби (во смисла на репутација) од Луис Хамилтон оваа година. По лошата дебитантска сезона со Ферари, 41-годишниот Британец има договор за 2027, но мора под итно да ги сврти работите во своја корист.
Хамилтон тврди дека се чувствува поповрзан со новиот болид за 2026 година (бидејќи учествувал во развојот), но претсезонските тестови покажаа дека Шарл Леклер сè уште изгледа покомфорно зад воланот. Главниот предизвик за Луис не е само да го разбере болидот, туку да го победи Леклер. Ако првиот дел од сезоната наликува на ланската, прашањата за неговата мотивација и иднина ќе станат сè погласни, дури и во неговата сопствена глава.
3. Карлос Саинц: Дали одбра погрешен пат?

Минатата година, одлуката на Саинц да потпише за Вилијамс (наместо за Ауди или Алпин) изгледаше како генијален потег. Денес, ситуацијата е поинаква.
Вилијамс го пропушти првиот тест во Барселона, а нивниот болид е со прекумерна тежина и му недостига баланс во споредба со ривалите од средината (Хаас, Алпин, РБ и Ауди изгледаат подобро). Додека Саинц возеше одлично лани, сегашниот проблем е дали Вилијамс се стави во подредена позиција не само за 2026, туку и за годините што следат. Ако е така, Шпанецот можеби направи чекор наназад кој тешко ќе го поправи.
4. Оскар Пијастри: Под притисок на очекувањата

Откако лани за малку му избега светската титула, Пијастри влегува во 2026 со највисоки можни очекувања. Но, знаците од тестовите не се охрабрувачки.
Мекларен се чини дека заостанува зад Ферари и Мерцедес, особено во разбирањето на новиот систем за менаџирање со енергија. Уште позагрижувачки за Пијастри е што новите болиди (со помала потисна сила) повеќе се лизгаат во бавните свиоци – точно сегментот каде тој ги покажа своите најголеми слабости кон крајот на 2025 година во однос на Ландо Норис. Австралиецот мора брзо да се адаптира, инаку сонот за брзо враќање во битката за титулата ќе испари.
5. Естебан Окон: Искуство против младост во Хаас

Окон дојде во Хаас како искусен лидер, но минатата година беше целосно засенет од дебитантот Оливер Берман.
Шефот на тимот, Ајао Коматсу, отворено изјави дека Хаас очекува повеќе од возач со 10-годишно искуство и победа зад себе. Берман покажа способност (слично на Верстапен) да се справува со нестабилен заден дел на болидот, нешто што на Окон му претставува проблем. Со оглед на тоа што Хаас изгледа солидно и станува атрактивна дестинација (со резервни возачи како Дуан и Хиракава кои чекаат шанса), Окон мора да испорача резултати ако сака да го задржи своето место за 2027.
6. Макс Верстапен: Егзистенцијална криза на врвот

Дури и да има победнички болид, Макс Верстапен изгледа како човек кој се ближи кон крстопат во кариерата.
Ред Бул направи солиден мотор за 2026, но ако тоа е само четвртиот најдобар пакет на гридот, Макс ќе се бори за трошки на подиумот, а неконкурентен Макс е многу несреќен Макс. Дополнително, Холанѓанецот отворено ги мрази новите правила, особено потребата за постојано менаџирање на енергијата, изјавувајќи дека не би уживал ниту ако победува.
Со оглед на неговото незадоволство од бројот на трки, спринтовите и уличните патеки, 2026 година веројатно ќе биде пресудна. Дали Верстапен ќе остане во Ф1, или предизвикот на трките на издржливост (како 24 часа Нирбургринг) ќе го одвлечат засекогаш?



