7.8 C
Skopje

Слабиот скок и лошиот шут го “урнаа” Пелистер: Тежок пораз од Цедевита Јуниор

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Кошаркарите на Пелистер со убедлив пораз го започнаа својот настап во групната фаза на ФИБА Европа Купот. На гостувањето во Загреб, во легендарната арена “Дражен Петровиќ”, битолчани беа надиграни и поразени од Цедевита Јуниор со 96:76.

Освен еден краток блесок во првата четвртина, “зелено-белите” беа во постојана негатива и не успеаја да му парираат на расположениот противник.

Краток блесок, па потоп: Доминација на Цедевита под обрачите

Натпреварот започна со водство на домаќините, но Пелистер брзо се врати и во неколку наврати во првата четвртина имаше и минимална предност (последната беше 8:9). Тоа, за жал, беше сè што видовме од македонскиот претставник.

Цедевита Јуниор потоа ја презеде контролата врз играта, а клучната разлика ја направи со доминацијата во скокот. Хрватскиот тим имаше дури 17 офанзивни скокови, со што целосно ја неутрализираше одбраната на Пелистер. На полувреме, предноста на домаќините веќе беше +9 (44:35).

Во второто полувреме, разликата постојано растеше, а во еден момент достигна и максимални +23.

Ливингстон недоволен за отпор

Во сивилото на битолскиот тим, единствена светла точка беше американскиот центар Ливингстон, кој одигра одличен натпревар и забележа дабл-дабл учинок од 17 поени и 12 скокови. Сепак, тоа беше недоволно за да се пружи посериозен отпор. Кај Пелистер, двоцифрени беа уште и Митревски, Вилсон и Малешевиќ.

Следниот предизвик за Пелистер во ова натпреварување е дуелот на домашен терен против словачка Приевиѕа, кој се игра на 22 октомври.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено