Навивачите на Наполи и македонската јавност можат да здивнат. Иако сликите од „Диего Армандо Марадона“ кога Елиф Елмас побара измена во 57-мата минута изгледаа загрижувачки, првичните вести од Италија се позитивни.
Нашиот „дијамант“ беше еден од клучните актери во тешката победа на Наполи над Сасуоло од 1-0, со која шампионот ја прекина серијата од три нерешени средби. Елмас беше директен иницијатор на единствениот гол, но мечот го заврши предвреме.
Добри вести: Не е повреда, туку настинка
Елмас го започна мечот како стартер и одигра одлично прво полувреме. Сепак, во 57-мата минута мораше да го напушти теренот, држејќи се за главата. Помошникот на Конте, Кристијан Стелини, по натпреварот ја смири ситуацијата:
„Елмас почувствува вртоглавица, веројатно како последица на симптоми на грип, така што не станува збор за повреда (мускулна или удар),“ потврди Стелини за италијанските медиуми.
Ова е одлична вест со оглед на тоа што Наполи е веќе „десеткуван“ од повреди. За жал, другите двајца играчи кои излегоа, Амир Рахмани и Матео Политано, се соочуваат со мускулни проблеми.
Елмас шутираше, Лоботка ја скина „мрежата“
Клучниот момент се случи уште во 7-мата минута. Елмас одигра „дупли пас“ со Спинацола и упати силен удар кон голот. Голманот Муриќ успеа само да ја одбие топката, но на вистинското место се најде Станислав Лоботка, кој со волеј ја затресе мрежата.
За Словакот ова беше прв гол во Серија А по повеќе од три години, гол кој се покажа вреден три бода.
Сасуоло беше опасен противник, но голманот на Наполи (Вања Милинковиќ-Савиќ) имаше неколку клучни интервенции, особено при ударите на Лауриенте и Липани. Наполи издржа и остана во трка за врвот, иако „болницата“ во клубот се полни.
👇 Прочитајте го комплетниот преглед од денешните натпревари во Серија А:



