Шефот на Мерцедес, Тото Волф, упати остра порака до ривалите во Формула 1, откако се појавија сомнежи дека Мерцедес и Ред Бул пронашле „дупка“ во правилата за да извлечат поголема моќ од своите нови мотори. Додека конкуренцијата бара итна истрага од ФИА, Волф тврди дека сè е чисто и дека другите тимови само бараат изговори за сопствениот неуспех.
Контроверзниот сооднос на компресија
Јаболкото на раздорот е правилото за компресија на цилиндрите, кое е ограничено на 16:1. Ривалите, предводени од шефот на Ауди, Матија Биното, се сомневаат дека Мерцедес и Ред Бул го почитуваат ова правило само додека моторот е ладен (кога се вршат мерењата), но дека користи материјали кои се шират при високи температури, со што се надминува лимитот за време на трка. Ова би можело да донесе предност од неколку десетинки по круг.
„Средете си ги работите“
Волф не остана должен на ваквите обвинувања и ги нарече потезите на конкуренцијата „дефокусирање“.
„ФИА беше многу јасна во комуникацијата. Правилата се транспарентни. Едноставно средете си ги работите (get your s— together). Праќањето тајни писма и организирањето тајни состаноци е само губење време. Ние сме фокусирани на себе, а не на другите“, изјави првиот човек на Мерцедес.
Тој додаде дека е изненаден што некои тимови се обидуваат да измислат нови начини на тестирање кои не постојат во правилникот, само за да ја намалат предноста на оние кои подобро си ја завршиле работата.
Ред Бул се согласува: Ова е многу бучава за ништо
Сличен став има и Бен Хоџкинсон, шефот за мотори во Ред Бул (поранешен кадар на Мерцедес), кој потврди дека неговиот тим одел до крајните граници на она што го дозволуваат регулативите. Според него, би било изненадување доколку некој врвен тим не се обидел да го извлече максимумот од „сивите зони“ во правилникот.
ФИА засега стои на ставот дека моторите се легални, но притисокот од Ауди, Ферари и Мекларен се очекува да продолжи до самиот старт на сезоната.



