Црвена Звезда продолжува со импресивната форма во Евролигата, откако синоќа ја совлада Басконија со убедливи 90-72 во Белград и ја запиша својата четврта последователна победа во елитното натпреварување. Тимот на Саша Обрадовиќ, кој повторно седна на клупата на клубот од своето детство, сега има скор 4-2, но стратегот предупреди дека сè уште има многу работа.
“Премногу индивидуални акции во првото полувреме, тоа не е кошарка на тим кој сака да биде меѓу најдобрите”, рече Обрадовиќ по мечот. “Станавме поагресивни во вториот дел и на крај победивме, но мораме да научиме како да играме паметно и колективно”.
Звезда започна силно и поведе со 10-4, но гостите од Басконија успеаја да го свртат резултатот и да заминат на полувреме со водство 40-43. Сепак, третиот период беше решавачки – српскиот шампион направи серија 17-2, го презеде водството (64-52) и не дозволи нов пресврт.

Најдобар во редовите на Звезда беше Коди Милер-МекИнтајр со 20 поени, а Чима Монеке додаде 12 поени и 8 скокови против својот поранешен тим. Американецот Џордан Нвора имаше исклучителен настап на двата краја од теренот, со 9 поени и 7 скокови, но пред сè со агресивна одбрана што ја “заклучи” Басконија на само 29 поени во второто полувреме.
“Сè уште се запознаваме како тим, но хемијата расте”, изјави Нвора. “Лесно е да играш со соиграчи кои ти веруваат и знаат дека можеш да донесеш победа”.
Со оваа победа, Црвена Звезда сега има позитивен скор 11-10 во меѓусебните дуели со Басконија, а Обрадовиќ иако свесен за недостатоците, ги врати енергијата и победничкиот дух во белградската екипа, која полека станува еден од најопасните тимови во Евролигата.
Во другите натпревари:
Барселона 73–88 Жалгирис Каунас
Жалгирис направи сензација во “Палау Блауграна”, совладувајќи ја Барселона со 73-88 и враќајќи се на победнички пат. Литванците доминираа од почеток до крај, водејќи со 39-53 на полувреме. Маодо Ло блесна со 20 поени и совршени 5/5 за три поени, а Сирвидас и Франциско додадоа по 14.
Хапоел Тел Авив 85–77 Монако
Израелскиот тим го продолжи импресивниот старт на сезоната со нова победа од 85-77 над Монако. Василије Мициќ беше фантастичен со 22 поени, додека Џонатан Мотли додаде 17. Монако, со Мајк Џејмс како прв стрелец (20 поени), падна на скор 3-3.
АСВЕЛ 85–79 Дубаи Баскетбол
Французите конечно прекинаа серија од три порази, славејќи со 85-79 по голем пресврт во последната четвртина. Нандо Де Коло одигра како во најдобрите денови со 24 поени, а Глин Вотсон додаде 21.
Милано 100–103 Валенсија
Вистински трилер се играше во Италија, каде Валенсија ги совлада Армани Милано со 103-100 благодарение на тројка на Жан Монтеро 43 секунди пред крајот. Милано стигна од минус 22 до израмнување, но сепак остана без награда. Леандро Болмаро постигна досега највисоки 31 поен во кариерата, но тоа беше недоволно за домашниот тим.



