(Видео) Евролига: Партизан падна во трилер завршница, Барса и Дубаи со „луди“ серии до победа!

Објавено:

Ако четвртокот беше ноќ на домашна доминација, петокот во Евролигата донесе вистински инфаркт-завршници. Пет натпревари, пет победи на домашните екипи, но сите со едноцифрена разлика!

Најголемата драма се одвиваше во Вилербан и Милано, додека Барселона и Дубаи покажаа карактер кога беше најтешко.

Партизан се „самоуби“ во Франција

Црно-белите од Белград продолжуваат да ги кинат нервите на своите навивачи. Партизан загуби од АСВЕЛ со 88-87 во натпревар полн со осцилации.

Избраниците на Жељко Обрадовиќ имаа катастрофален старт (16-2 за АСВЕЛ), но успеаја да се вратат, па дури и да поведат во финишот. Сепак, со 17 загубени топки и слаб шут за три поени, победата им се лизна од раце.

Херои на францускиот тим беа Глин Вотсон и Закари Селјас со по 18 поени, додека кај Партизан се истакна Стерлинг Браун со 20 поени.

Барса се врати од мртвите со серија 16-0!

Во „Палау Блауграна“, Барселона беше на раб на пораз од Виртус Болоња, губејќи со 8 разлика во последната четвртина (61-69).

Но, тогаш следеше каталонско „цунами“. Предводени од Кевин Пантер (17 поени, 5 тројки), Барса направи неверојатна серија од 16-0 и го сврте мечот во своја корист за конечни 88-81. Вил Клајбурн стави точка со тројка во клучните моменти.

Дубаи е тврдина – Жалгирис падна по пресврт

Новајлијата Дубаи ја комплетираше совршената недела со втора победа, овојпат против силниот Жалгирис со 95-89.

Клучниот момент се случи во третата четвртина, кога домаќините направија серија од 16-0. Доминантен беше Мфионду Кабенгеле со дабл-дабл од 21 поен и 10 скока, додека Алекса Аврамовиќ додаде 16 поени.

Пирова победа за Ефес, херојски Милано

  • Анадолу Ефес го победи Баерн Минхен со 74-72 благодарение на 26-те поени на Ајзеа Кординие, но плати скапа цена, ѕвездата Шејн Ларкин се повреди (препони) и не го доигра мечот.
  • Олимпија Милано, иако „десеткуван“ без тренерот Месина и дури шест играчи, успеа да го совлада Олимпијакос со 88-87. Домаќините издржаа и покрај 27-те поени на Алек Питерс и 25-те на Тајлер Дорси за грчкиот тим.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено