Средата во НБА донесе апсолутен спектакл. Имавме сè – „монструозни“ индивидуални партии од Лука Дончиќ и Никола Јокиќ, Расел Вестбрук потсети на МВП деновите, а шампионот Оклахома го доживеа првиот пораз по неверојатен кам-бек!
Издвоивме четири натпревари кои ја одбележаа ноќта.
(Видео) Лејкерс 118-116 Сан Антонио
Каква драма во Лос Анџелес! Лука Дончиќ беше апсолутно насекаде и со монструозен настап од 35 поени, 13 асистенции, 9 скока и 5 украдени топки ги предводеше Лејкерси до петтата победа во низа.
Виктор Вембањама (19 поени, 8 скока) фаулираше во финишот, а Спарси имаа шанса за продолжение во последната секунда. Џулијан Шампањи беше фаулиран при обид за „тип-ин“, но го промаши клучното прво слободно фрлање, по што Лејкерси ја одбранија победата.
(Видео) Денвер 122-112 Мајами
Уште една вечер, уште еден трипл-дабл за српскиот ѕвер. Никола Јокиќ беше незапирлив и го забележа својот петти трипл-дабл сезонава со 33 поени, 16 асистенции и 15 скока.
Денвер ја продолжи доминацијата против Мајами, стигнувајќи до 11-тата последователна победа во регуларниот дел од сезоната. Работата за Мајами беше уште потешка откако Бем Адебајо не играше по првата четвртина поради повреда на стапалото.
(Видео) Портланд 121-119 Оклахома
Падна шампионот! Оклахома Сити Тандер (8-1) го доживеа својот прв пораз сезонава, и тоа на болен начин. Портланд успеа да избрише негатива од 22 поени за неверојатен кам-бек.
Човек на одлука беше Дени Авдија, кој беше на чекор до трипл-дабл со 26 поени, 10 скока и 9 асистенции. Кај Оклахома (кои беа без Холмгрен, Дорт и Карусо), 35-те поени на Шеј Гилџес-Александер беа залудни.
(Видео) Сакраменто 121-116 Голден Стејт
Расел Вестбрук потсети на своите МВП денови! „Brodie“ го забележа својот 204-ти трипл-дабл во кариерата, завршувајќи со 23 поени, 16 скока и 10 асистенции.
Вестбрук и Демар Дерозан (25 поени) беа доволни за „Кралевите“ да ги победат „Воините“, кои беа тешко хендикепирани без Стеф Кари, Џими Батлер и Дрејмонд Грин.
Останати резултати од вечерта
- Детроит 114-103 Јута: Пистонси (6-2) се во серија, врзувајќи ја четвртата победа. Џејлен Дурен имаше брутална ноќ со 22 поени и 22 скока, додека Кејд Канингем испорача 19 од своите 31 поен во клучната последна четвртина.
- Бруклин 112-103 Индијана: Конечно! Во дуелот на тимовите со скор 0-7, Нетси стигнаа до првата победа. Мајкл Портер Џуниор (32 поени, 11 скока) беше херој, откако Бруклин остана и без својот најдобар стрелец Кам Томас (повреда на тетивата).
- Бостон 136-107 Вашингтон: Лесна ноќ во „ТД Гарден“. Џејлен Браун експлодираше со 35 поени за само 26 минути пред да седне на клупата и да го гледа „газењето“ на Визардси, за кои ова е 6-ти пораз по ред.
- Њујорк 137-114 Минесота: „Медисон Сквер Гарден“ (5-0) останува неосвоена тврдина. ОЏи Ануноби (25п) и Џејлен Брансон (23п/10ас/7ск) го уништија тимот на Минесота во второто полувреме (83-56), расипувајќи го враќањето на Ентони Едвардс.
- Хјустон 124-109 Мемфис: Младите „Ракети“ ја врзаа петтата победа по ред. Тандемот Амен Томпсон (28 поени, 10 скока, 7 асистенции) и Алперен Шенгун (20 поени, 16 скока, 7 асистенции) беше доминантен.
- Њу Орлеанс 101-99 Далас: Драма во Тексас во дуел на ослабени тимови (без Зајон, Дејвис, Лајвли). Садик Беј (22 поени) ги водеше Пеликанс до победа, откако рукито на Далас, Купер Флаг (20 поени), го промаши шутот за победа во последните 2 секунди.



