Никола Јокиќ уште еднаш потсети зошто е најкомплетниот играч на планетата. Српскиот мајстор постигна 35 поени со неверојатна прецизност (16/19 од игра), додаде 14 скока и 7 асистенции, водејќи ги Денвер Нагетс до победа од 122-108 над очајните Сакраменто Кингс.
Даг Кристи можеби се обиде да ја запали искрата кај своите играчи со пораки против „хејтерите“ пред натпреварот, но пламенот траеше кратко, затоа што Јокиќ го изгаси со класична МВП партија.
Џамал Мари додаде 23 поени, а Арон Гордон 17 и 7 скока. Кај Кингс, Сабонис заврши со 19 поени пред да „испадне“ поради шест лични, додека Вестбрук беше на чекор до трипл-дабл со 14 поени, 8 скока и 11 асистенции.
Сакраменто имаше свој момент со Кеон Елис, миленикот на публиката кој влезе и донесе енергија, но во последната четвртина Денвер направи 16-2 серија и го реши натпреварот. Јокиќ со тројка во финишот стави точка за Нагетс 8-2, Кингс 3-8 и многу прашања во Сакраменто.
Њујорк Никс неприкосновени дома: 7 од 7 на Медисон!
Џејлен Брансон блесна со 32 поени и 10 асистенции, Карл-Ентони Таунс додаде 21 поен и 13 скока, а Никс ги совладаа Мемфис Гризлис со 133-120 за перфектен домашен биланс.
Њујорк доминираше од старт, постигнувајќи 77 поени во првото полувреме, а Брансон и Кларксон ја завршија работата со серија тројки. Никс се враќаат на времињата на 2012-13, последниот пат кога овој град сонувал за титула.
Торонто во лет: Рапторси го скршија Бруклин! (119-109)
Брендон Инграм постигна 25 поени, Иманиуел Квикли блесна со 24, а Торонто ја впиша петтата победа во последните шест меча.
Нетс беа блиску кон крајот на третиот период, но Рапторси одговорија со серија и шут за победа од Квикли. Бруклин падна на 1-10, најлош старт во конференцијата.
Шеј и Холмгрен непогрешливи против Вориорс (126-102)
Шеј Гилџес-Александер постигна 28 поени, а Чет Холмгрен беше совршен со 23 поени, 11 скока, 9/9 од игра!
Стив Кер и Голден Стејт без одговор, Стеф Кари со само 11 поени и пет лични грешки. Тандер со 11-1 биланс ја зацврстија лидерската позиција и потврдија дека ова повеќе не е бајка, туку реалност.
Филаделфија го шокираше Бостон без Ембид! (102-100)
Без својот ѕвезден центар, Сиксерси најдоа нови херои. Тајрис Мекси со 21 поен, а Кели Убре со офанзивен скок и кош на 8 секунди до крај донесе голема победа.
Младинецот Џастин Едвардс блесна со 22 поени и 5/6 тројки, додека Џејлен Браун беше најдобар кај Селтикс со 24.
Филаделфија покажа срце, а Бостон изгуби меч кој веќе го имаше добиено.



