Милано вечерва „гореше“, а на крајот се радуваше црвено-црниот дел од градот. Во директната пресметка за Скудетото, Милан славеше со 1-0 против Интер, нанесувајќи му го на лутиот ривал првиот пораз во Серија А уште од ноември минатата година.
Со оваа победа, избраниците на Макс Алегри ја намалија предноста на Интер на 7 бода, со што трката за шампионската титула е повторно ширум отворена!
Маестралниот Еступињан за историја
Одлучувачкиот момент на натпреварот се случи во првото полувреме. По една одлична акција на Фофана и Рафаел Леао, топката стигна до Первис Еступињан. Еквадорецот проби по левата страна и со прецизен удар од тежок агол го совлада Јан Зомер. Ова беше негов прв гол во дресот на Милан и тоа во најважниот можен момент.
Драма до последната секунда
Интер, кој влезе во овој меч со низа од 14 победи и едно реми, се обиде да се врати, но нападот беше ослабен поради отсуството на Маркус Турам (грип) и повредениот Лаутаро Мартинез. Мхитарјан и Зиелински имаа свои шанси, но Мајк Мењон уште еднаш покажа зошто е еден од најдобрите голмани во светот.
Најголемата контроверзија се случи во судиското продолжение. Интер ја затресе мрежата по еден корнер, но судијата Даниеле Довери веќе го имаше означено прекинот на играта за корннерот да се преизведе. Исто така, „Нероазурите“ бараа пенал за наводно играње со рака на Самуеле Ричи, но ВАР пресуди дека раката била во природна позиција.
Жртви на дербито
Победата на Милан имаше своја цена – Адриен Рабио заработи жолт картон и ќе го пропушти дербито со Лацио следната недела. Кај Интер, Алесандро Бастони мораше предвреме да го напушти теренот поради повреда при еден старт над Рабио.
Лука Модриќ, пред очите на своите 60 пријатели и семејството, одигра солиден натпревар и за малку не се запиша во листата на стрелци уште во третата минута.



