Олимпискиот факел за Зимските олимписки игри Милано Кортина 2026 беше запален во денес, на 26 ноември, на официјална церемонија во Олимпија, Грција, што се смета за духовен дом на Олимпијадата. Со овој традиционален чин започна неговото симболично патување од античка Олимпија кон Италија.
Поради силниот дожд и ветер во регионот, главниот дел од Церемонијата за палење на пламенот се одржа во Археолошкиот музеј во Олимпија. Инаку, поради лошите временски услови, пламенот беше запален уште во понеделникот пред Храмот на Хера, користејќи параболично огледало и сончеви зраци, традиција која се почитува од 1936 година. Тој пламен, чуван во безбедносен фенер, беше искористен за палење на Олимпискиот факел во музејот.
На церемонијата присуствуваа високи претставници на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), вклучувајќи ја претседателката Кирсти Ковентри и поранешниот претседател Томас Бах, како и претставници на Организацискиот комитет Милано Кортина 2026.
Порака за мир и човечко единство
Во рамки на церемонијата, грчката актерка Мери Мина, во улога на Висока свештеничка, го повика богот Аполон и го запали факелот. Оперската пејачка Кристина Пулици ја изведе Олимписката химна, а грчкиот актер Јианис Станглу го рецитираше делото „Светлината на Олимпија“, песна која ја чествува човечката унија и мирот, нагласувајќи ја врската помеѓу Грција, Олимпиското движење и домаќинот Италија.
Претседателот на Организацискиот комитет Милано Кортина 2026, Џовани Малаго, истакна дека италијанскиот дух ќе светне силно во пламенот на факелот, обединувајќи го светот.
Претседателката на МОК, Кирсти Ковентри, ја истакна важноста на овој настан: „Денешната церемонија нè потсетува за што се залагаат Олимписките игри: зближување на луѓето во мирен натпревар, пријателство и почит. Додека го палиме Олимпискиот пламен, ние ја пренесуваме оваа светлина од минатото во сегашноста и ја продолжуваме во иднината“.
Патот започна со медалист од Париз 2024 и италијанска легенда
Веднаш по палењето на факелот во музејот, тој беше предаден на првиот носач на Олимпискиот факел: Петрос Гкајдаѕис, освојувач на бронзен медал во веслање од Париз 2024. Него го чекаше Стефанија Белмондо, легендарна италијанска скијачка во крос-кантри, добитничка на десет олимписки медали.
Тие заедно го однесоа пламенот до споменикот на Пјер де Кубертен, основачот на модерните Олимписки игри, чие срце почива во Олимпија. Оттаму, факелот го презеде италијанската икона Армин Цегелер.
Пламенот сега ќе патува низ Грција девет дена, носен од над 450 носачи низ 36 градови и 12 скијачки центри, пред да пристигне на Панатинаико стадионот на 4 декември за официјалната Церемонија на предавање. Од 6 декември 2025 година до 6 февруари 2026 година, факелот ќе помине неверојатни 12.000 километри низ сите 110 италијански провинции, носен од 10.001 носач, завршувајќи го своето патување на отворањето на Зимските олимписки игри на стадионот Сан Сиро во Милано.
Целата церемонија можете да ја погледнете подолу.



