Нашата мундијалска турнеја низ градовите домаќини на Светското првенство 2026 нè води до Источниот брег на Соединетите Американски Држави, во историското срце на нацијата. Филаделфија, позната како „родното место на Америка“, е еден од најисториските и најпознатите градови во САД. Овој центар има препознатлив белег далеку вон американските граници, па мундијалските посетители без сомнеж ќе потрчаат да ги искачат славните скали на Роки Балбоа, пред да пробаат традиционален „чизстејк“ кај Џено.
Во светот на спортот, овој град одамна е дефиниран како вистинска колевка на страста, бидејќи е еден од само шестте американски градови кои можат да се пофалат со шампионска титула во секоја од четирите најголеми спортски лиги: НФЛ, НБА, МЛБ и НХЛ. По неуспешниот обид да организира натпревари за време на Мундијалот во 1994 година, ова лето Светското првенство за првпат во историјата пристигнува во Филаделфија.
За македонските љубители на фудбалот овој град има и дополнително значење, со оглед на тоа што во локалниот МЛС бренд Филаделфија Унион настапува фудбалерот со македонски корени Милан Илоски, со кого неодамна направивме ексклузивно интервју. Ова лето, сите очи ќе бидат вперени во култната градска арена.
Стадионот во Филаделфија кој е навистина во Филаделфија
За време на Светското првенство, ФИФА применува строги комерцијални регулативи кои налагаат прекривање и отстранување на сите спонзорски имиња на објектите и нивните партнери. Оваа арена, вообичаено позната како „Линколн Финансијал Филд“ или едноставно „Тhe Linc“ (по финансиската групација која ги држи комерцијалните права до 2031 година), официјално ќе го носи името „Филаделфија Стадион“.
Но, за разлика од некои други мундијалски објекти кои се соочуваат со географски апсурди и се лоцирани со часови подалеку од матичните центри, овој стадион е вистинско срце на Филаделфија. Тој се наоѓа на само четири милји (околу шест километри) јужно од строгиот центар на градот, што го прави исклучително достапен за навивачите.
Тврдината на Иглс, драмата „4th and 26“ и рекордот на Ед Ширан
Стадионот беше свечено отворен во 2003 година со вкупна цена на изградба од 512 милиони долари. Во тој момент, ова беше најскапиот стадион некогаш изграден во САД и втор најскап на глобално ниво, веднаш зад култниот стадион во Јокохама. Објектот е официјален дом на НФЛ тимот Филаделфија Иглс, кој тука продуцираше незаборавни шампионски вечери на патот кон освојувањето на Супер Боул LII и Супер Боул LIX, со брутални победи во финалињата на НФЦ конференцијата против Минесота (38-7 во 2018 година) и Вашингтон (55-23 во 2025 година).
Најславниот момент во историјата на оваа арена се случи уште во првата НФЛ сезона, во култната акција овековечена како „4th and 26“ на 1:12 минути пред крајот, кога квотербекот Донаван Мекнаб фрли нестварно додавање од 28 јарди до Фреди Мичел против Грин Беј за спас и победа на Иглс во продолжението.
Покрај американскиот фудбал, во 2019 година стадионот беше домаќин на спектакуларен хокеарски меч на отворено меѓу Флаерс и Пенгвинс пред 69.620 навивачи. Сепак, исто како и кај стадионот во Бостон, апсолутниот рекорд на посетеност му припаѓа на Ед Ширан, кој во 2023 година собра неверојатни 77.900 посетители. За потребите на Светското првенство, вообичаениот капацитет за НФЛ мечевите од 67.500 седишта ќе биде благо намален на 65.827. Рекордот за фудбалски натпревар изнесува 69.879 гледачи, поставен на пријателскиот дуел меѓу Ливерпул и Арсенал во 2024 година.
Нова хибридна подлога, отстранување на трибините и урбан топлотен бран
Летните месеци во Филаделфија носат топло и прилично спарно време со температури кои редовно се движат меѓу 29 и 33 степени Целзиусови, проследени со висока влажност на воздухот која надминува 70 проценти. Навивачите ќе бидат изложени и на ефектот на „урбан топлински остров“, па бидејќи стадионот е целосно под отворено небо и нема покрив, задолжително ќе биде носењето капи, заштитни креми и користењето на станиците за вода околу трибините.
Овој месец на стадионот започнаа големи инфраструктурни зафати за замена на досегашната природна трева со модерна хибридна подлога која комбинира природна и синтетичка трева. Оваа подлога веќе успешно се користеше на Светското првенство за жени во 2023 година, а истата ја користат Реал Мадрид и Манчестер Сити во своите тренинг центри. Дополнително, бидејќи објектот уште во 2003 година беше проектиран со визија за фудбал, тој содржи четири отстранливи агли на трибините. Деновиве започнува процесот на нивно расклопување за да се добие поширок терен кој ќе ги задоволи стандардите на ФИФА за простор околу аут-линиите, рекламните паноа и тренерските клупи.
Затвор во утробата на стадионот, столбови со маст и „Philly Special“ акција
Навивачите од Филаделфија важат за едни од најекстремните и најфанатичните во САД, па локалната полиција пред големи натпревари редовно ги премачкува уличните столбови со маст за да спречи навивачите да се качуваат по нив при славењето. Оваа нереална страст ветува врвна атмосфера на паркинзите околу стадионот, каде ФИФА официјално ја дозволи традиционалната „tailgating“ култура на дружење со скара и пијалаци пред мечевите.
Пред да заминете од стадионот, задолжително е фотографирање пред грандиозната статуа „Philly Special“ висока речиси три метри, која ја прикажува легендарната дискусија меѓу Ник Фоулс и тренерот Даг Педерсон од историскиот Супер Боул LII. А за оние кои премногу ќе претераат со алкохолот и недоличното однесување на трибините, стадионот содржи и функционален притвор во своите соблекувални. Ова е традиција од претходниот стадион „Ветеранс“, кој во своето време имаше дури и активна судница каде дежурните судии веднаш на лице место им пресудуваа на проблематичните навивачи.
Кои натпревари ќе се играат во Филаделфија?
Распоредот на „Филаделфија Стадион“ носи вкупно шест натпревари под отворено небо, вклучувајќи пет меча од групната фаза и еден голем елиминациски дуел:
14 јуни: Брег на Слонова Коска – Еквадор (Група Е)
19 јуни: Бразил – Хаити (Група Ц)
22 јуни: Франција – Ирак (Група И)
25 јуни: Курасао – Брег на Слонова Коска (Група Е)
27 јуни: Хрватска – Гана (Група Л)
4 јули: Натпревар од 1/16 финалето
Сакате да се запознаете си со другите стадиони, кликнете тука!



