Вчерашниот извештај за историската победа на Лидс Јунајтед над Манчестер Јунајтед предизвика интересна дискусија на нашите социјални мрежи. Еден коментар на наш читател особено нè инспирираше за да раскажеме зошто овој натпревар имаше поголема тежина од едноставно премиерлигашко дерби.
Во светот на англискиот фудбал, кога овие два клуба ќе се сретнат, резултатот никогаш не е само математика. Резултатот не е само на семафорот, туку во тежината на историјата, на 500 години старата омраза, на крвавите војни од минатото и на индустрискиот престиж кој вреди повеќе од било кои три бода.
Ова е приказната за „Ривалството на розите“ (Roses Rivalry) – приказна која ни помага да разбереме зошто победата на Лидс од 2-1 на „Олд Трафорд“ одекна како вистински спортски земјотрес.
Корени натопени во крв: Белата против Црвената роза
За да разберете зошто навивач од Лидс не го поднесува навивачот од Манчестер, мора да се вратите во 15-тиот век. Тогаш се водела Војната на розите, брутален граѓански конфликт за англискиот престол помеѓу куќата на Јорк (чиј симбол била Белата роза) и куќата на Ланкастер (со симбол Црвена роза).
Најкрвавата битка во англиската историја, Битката кај Таутон, се случила на само 20-тина километри од Лидс. Таа историска лузна никогаш не исчезнала. Денес, Лидс Јунајтед гордо ги носи белите дресови на Јоркшир (инспирирани од Реал Мадрид во 60-тите), додека Манчестер Јунајтед ја претставува црвената боја на Ланкашир.
Индустриска љубомора: Волна против памук
Ривалството не останало само на воените полиња. За време на Индистриската револуција, двата града станаа економски гиганти. Лидс доминираше со индустријата за волна, додека Манчестер цветаше благодарение на памукот.
Се граделе импозантни градски куќи и катедрали само за да се докаже кој е побогат и помоќен. Тој натпревар „кој е поголем“ природно се преселил на фудбалските стадиони „Еланд Роуд“ и „Олд Трафорд“.

Ерата на Реви и Базби: Кога фудбалот стана војна
Вистинскиот интензитет на теренот започнал по Втората светска војна. Манчестер Јунајтед под водство на Мат Базби бил симбол на гламур и офанзивен фудбал со ѕвезди како Џорџ Бест и Боби Чарлтон. Од друга страна, Лидс на Дон Реви изградил репутација на „валкан“, цврст и бескомпромисен тим кој не се плашел од никого.
Сликите од 1965 година, каде дефанзивецот на Лидс, Џек Чарлтон и напаѓачот на Јунајтед, Денис Ло, се тепаат на земја среде полуфинале на ФА Купот, станаа легендарни. Медиумите тогаш напишаа: „Двете страни се однесуваа како глутница кучиња што се кошкаат за коска“.
Златните години на Лидс и официјалното „крштевање“ на ривалството
Во 60-тите и 70-тите години, Лидс стана европска сила, уривајќи ги гигантите како Барселона и Јувентус. Додека Манчестер Јунајтед ја освои европската титула во 1968 година, Лидс доминираше во Англија. Токму во овој период, ривалството го доби своето официјално име.
На насловната страница на програмата за полуфиналето на ФА Купот во 1977 година, натпреварот за првпат беше наречен „Битката на розите“ (The Battle of the Roses). Тој меч го одбележаа жестоки судири меѓу навивачите внатре и надвор од стадионот, со десетици уапсени и повредени.

Трансферите како предавство
Ништо не ја подгрева омразата како трансферите помеѓу овие два клуба. Кога Џо Џордан и Гордон Меквин преминаа во Јунајтед во 1978 година, навивачите на Лидс тоа го доживеаја како нож во грб. Меквин беше гаѓан со предмети при неговото враќање на „Еланд Роуд“.
А што да се каже за Ерик Кантона? Французинот му донесе титула на Лидс во 1992 година, само за неколку месеци подоцна да биде продаден на „Олд Трафорд“ за „смешни“ 1,2 милиони фунти. Тој стана крал на Манчестер, а навивачите на Лидс останаа да гледаат како нивниот идол им носи титули на најомразените ривали. Последното големо „предавство“ беше на локалното момче Алан Смит во 2004 година, кој и покрај ветувањето дека никогаш нема да игра за Јунајтед, се пресели таму по испаѓањето на Лидс.
Годините во пониските лиги и ароганцијата на „Олд Трафорд“
Кога Лидс испадна од Премиер лигата во 2004 година, се чинеше дека ривалството ќе избледне, барем за едната страна. Анкетите меѓу навивачите во тој период покажаа интересна разлика во перцепцијата: додека фановите на Лидс сè уште го гледаа Манчестер Јунајтед како свој најголем и единствен непријател, навивачите на „црвените ѓаволи“ почнаа да гледаат со потценување кон своите соседи од Јоркшир. За нив, Лидс веќе беше „небитен“ клуб од долните лиги, а како поголеми ривали ги рангираа Ливерпул, Манчестер Сити, Челси и Арсенал.
Но, таа ароганција скапо ги чинеше на 3 јануари 2010 година. Во третото коло на ФА Купот, Лидс пристигна на „Олд Трафорд“ како третолигаш, со дури 43 места разлика во лигашкиот систем под Јунајтед. И покрај тоа што беа тотални аутсајдери, „белите“ приредија сензација со победата од 1-0, што беше нивна прва победа на овој стадион по цели 28 години. Тој пораз беше болен потсетник за Манчестер дека ривалството не е мртво, без разлика во која лига игра противникот.
За жал, овој период ја донесе и најмрачната нота на меѓусебните односи. Натпреварите во куповите често беа придружени со морбидни провокации од двете страни – дел од навивачите на Јунајтед со транспаренти ги исмеваа убиствата на навивачите на Лидс во Истанбул, додека радикалните фанови на Лидс возвраќаа со песни за авионската трагедија во Минхен. Тензиите беа толку високи што полициските истраги по овие мечеви станаа речиси редовна пракса, докажувајќи дека омразата е подлабока од било кој ранг на натпреварување.

Враќање во елитата и нови искри
Со враќањето на Лидс во Премиер лигата во 2020 година, „Војната на розите“ повторно стана редовен декор. Од убедливи порази (6-2 и 5-1 за Јунајтед) до тензични ремија, нетрпеливоста не избледе. Вчерашната победа на Лидс на „Олд Трафорд“ е само најновото поглавје.
Зошто вчерашната победа е „понижување“?
И тука доаѓаме до поентата на нашиот статус на социјалните мрежи кој предизвика дебата. Кога Лидс ќе победи на „Олд Трафорд“ за првпат по 28 февруари 1981 година, тоа не се само три бода во битката за опстанок.
За Манчестер Јунајтед, клуб со 68 трофеи и глобална доминација, да загуби дома од Лидс (кој помина години во пониските лиги и има само 9 трофеи) е удар врз гордоста. Тоа е момент кога „Белата роза“ повторно ја презема тврдината на „Црвената роза“ по речиси половина век чекање. Во очите на навивачите на Лидс, тоа е најслатката одмазда за сите „предавства“ и години поминати во сенка.
Затоа, драги читатели, кога пишуваме за „понижување“, ние не го критикуваме трудот на играчите на теренот. Ние се поклонуваме на историјата која прави секој гол на овој меч да тежи еден тон.
Фудбалот е игра на моменти, но ривалствата како ова се вечни.



