Враќање на натпреварувачкиот дух: Новиот NBA All-Star формат ветува „војна“ на теренот

Објавено:

Дали конечно ќе имаме All-Star викенд за кој вреди да се губи сон и да се гледа во доцните утрински часови? После децении „губење време“ гледајќи ги најголемите NBA ѕвезди како имаат „полесен тренинг“ на теренот, без одбрана, без жар и без никаков резултатски императив, Адам Силвер реши да го повлече најрадикалниот потег досега.

Вистинските и повозрасните NBA фанови, со насолзени очи и носталгија раскажуваат за времето на 90-тите. Времето кога Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Лари Брд, Чарлс Баркли, Хаким Олајџувон, Карл Мелоун, Џон Стоктон, Патрик Јуинг, Дејвид Робинсон и младиот Шек, играа „крваво“ до последната секунда. Тогаш „Исток против Запад“ беше прашање на чест, а не на шоу-бизнис.

За 2026 година, NBA го враќа натпреварувачкиот дух со формат кој сите го баравме: САД против Светот!

Како ќе изгледа „Револуцијата“ во ЛА?

На 15 февруари 2026 година, во новата „Intuit Dome“ арена на Клиперси, ќе гледаме нешто сосема ново. Нема повеќе класичен натпревар од 48 минути. Наместо тоа, добиваме турнир.

  • 3 Тимови: Два тима составени од ѕвезди на САД и еден тим на „Светот“.
  • Формат: Сите играат против сите (Round-robin) во натпревари од по 12 минути.
  • Финале: Двете најдобри екипи ќе се соочат во финалниот натпревар.

Ова значи дека секој кош ќе биде важен, бидејќи натпреварите се кратки и интензивни.

Зошто сега? Затоа што „Светот“ владее!

Одлуката не е случајна. Последните осум MVP награди во лигата завршија во рацете на играчи кои не се родени во САД.

Замислете го тимот на светот: Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Јанис Адетокумбо, Шеј Гилџус-Александер… Тоа е „Dream Team“ кој САД ќе мора сериозно да го испоти за да го победи. Всушност, Американците ќе мора да состават ДВА тима за да парираат на оваа глобална сила.

Што ако нема доволно играчи?

NBA воведе и интересно правило. Гласањето останува исто (50% фанови, 25% играчи, 25% медиуми), но ако гласањето не резултира со точно 16 Американци и 8 интернационалци, комесарот Адам Силвер ќе има право директно да додаде играчи за да се пополнат составите.

Ова е последниот обид на лигата да го спаси All-Star викендот, кој лани имаше втора најниска гледаност во историјата.

Дали Јокиќ и Дончиќ против најдобрите Американци е рецептот што го чекавме? Ние велиме – ДА!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено