По два дена интензивни состаноци, разговори и обиди да се најде заеднички јазик, едно стана јасно: Жељко Обрадовиќ не се враќа на клупата на Партизан.
Раководството на клубот, предводено од претседателот Остoја Мијаиловиќ и Извршниот одбор, влезе во серија од консултации уште од средата. Во петокот следеше и клучниот состанок со Обрадовиќ, што траеше повеќе од два часа, со отворена и искрена дискусија за сите проблеми кои го притискаат тимот последниот период.
И покрај тоа што според официјалното соопштение на клубот „му беше понудена полна и недвосмислена поддршка да продолжи со работа, со јасна слобода да направи резови во тимот и да го рестартира целиот систем, Обрадовиќ остана цврст во својата одлука“.
Причината? Не се гледа повеќе во овој тим, ниту во притисокот и темпото кое, како што самиот признал, веќе почнало да му го нарушува здравјето.
Партизан направи уште неколку дополнителни обиди да го убеди, но залудно. Легендарниот тренер, човекот со невидена кошаркарска тежина во Европа, кој остави трага што тешко ќе се повтори, одлучи дека е време да се повлече.
Клубот објави дека вратата за Жељко ќе остане засекогаш отворена – симболична реченица која одлично ја опишува врската меѓу него и црно-белите.
Заминува човек што не само што го водеше тимот, туку и го обликуваше неговиот идентитет.
Следниот чекор?
На почетокот на следната недела ќе се одржи седница на Управниот одбор на која ќе се разговара за нов спортски директор и нова стратегија за спортскиот сектор. Потоа клубот ќе одржи прес-конференција, а точниот термин ќе биде соопштен дополнително.
Ќе се бара ново решение, нов правец, нов почеток.
Но, празнината што ја остава Жељко Обрадовиќ е приказна сама за себе.



