4.8 C
Skopje

„Жолтиот ѕид“ бара враќање во минатото: Дали Борусија Дортмунд ќе го смени логото по 32 години?

Објавено:

Дали модерните логоа ја губат душата на клубовите? Навивачите на Ајакс, Астон Вила и Рома веќе се изборија за враќање на старите, традиционални амблеми, а сега на ред е германскиот гигант Борусија Дортмунд.

На претстојното собрание на клубот на 23 ноември, членовите ќе гласаат за необичен предлог: Враќање на логото кое се користеше до 1993 година!.

Што се менува?

За обичниот набљудувач, разликата е суптилна, но за вистинските фанови на БВБ, таа значи сè. Иницијативата, покрената од членот Сем-Џоел Ренкен, бара замена на актуелното (поминималистичко) лого со верзијата користена помеѓу 1974-1976 и 1978-1993 година.

Извор: https://logos-world.net/

Главните разлики:

  • Старото лого има два дополнителни црни прстени околу натписот „BVB 09“.
  • Бојата е потемна нијанса на жолта, која според фановите изгледа „поблагородно“ и помоќно.
  • Дизајнот на буквите и бројките е позаоблен и помалку „корпоративен“.

„Враќање кон корените“

Ренкен, чиј предлог беше официјално прифатен како точка на дневниот ред, тврди дека ова не е само носталгија, туку идентитет.

„Ова е јасен знак кон надвор: Имаме голема историја и сме горди на неа. Старото лого е многу поелегантно и веќе се користи на знамињата на ’Јужната трибина‘“, вели Ренкен.

Интересно е што клубот веќе го користи ова лого на специјалните дресови за Купот и ЛШ, кои се продаваат како алва, што е силен аргумент дека навивачите го претпочитаат класичниот изглед.

Лавот што пуши тутун?

Во дискусиите се појави и едно бизарно потсетување од историјата. Помеѓу 1976 и 1978 година, логото на Дортмунд содржеше – лав!.

Зошто лав? Затоа што клубот имаше спонзорски договор со тутунската компанија „Самсон“, чие лого беше лав. Тоа беа времиња кога правилата за рекламирање беа „див запад“, па клубовите правеа сè за пари – дури и го менуваа својот идентитет за производител на цигари. Среќа, тоа време е одамна поминато.

Одлуката паѓа в недела. Дали „милионерите“ ќе се вратат во 70-тите?


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено