Третата апокалипса на Италија: Зошто четирикратниот светски првак стана мундијалски „аутсајдер“?

 

Објавено:

Додека босанските „Фанатикос“ на трибините во Зеница развиваа кореографија со американска виза, италијанските фудбалери на центарот на теренот изгледаа како скршена војска. Сцените од стадионот „Биљно Поље“ се само продолжение на кошмарот кој трае веќе девет години. Италија стана првиот поранешен светски шампион кој пропуштил три последователни Мундијали (2018, 2022, 2026).

„Ова е кошмар. Девет години сум во репрезентацијата и сè уште немам заиграно на Светско првенство. Ужасно е“, изјави низ солзи искусниот Леонардо Спинацола.

Гатузо меѓу „рововите“ и рекордите

Селекторот Џенаро Гатузо, со видлива разочараност, се обиде да најде објаснување. Тој им се извини на фановите, но застана во одбрана на своите играчи. Според него, Италија со години не играла со толку срце, особено по црвениот картон на Бастони. Сепак, фудбалот не познава емоции, туку резултати. Промашувањето на Моисе Кин за 2-0 и подоцнежниот пад на пеналите се само детали во пошироката слика на италијанскиот пад.

Буфон, Гравина и „синдромот на преживување“ во фотелјите

Сцената во тесната прес-сала на стадионот „Биљно Поље“ беше речиси надреална. Покрај скршениот Гатузо, пред новинарите се појавија претседателот на федерацијата (FIGC), Габриел Гравина, и шефот на делегацијата, легендарниот Џиџи Буфон. Лицата им беа згрчени во болка, но нивните зборови не понудија радикален пресврт.

За Буфон, ова е лична трагедија која се повторува. Тој беше на голот во 2017 година против Шведска кога започна овој мундијалски проклет циклус, а девет години подоцна, сега како функционер, повторно е принуден да ја смирува разбеснетата јавност. Иако неговата љубов кон репрезентацијата е неспорна, неговата улога во овој неуспешен проект почнува да се преиспитува.

Извор: Claudio Villa/Getty Images (https://football-italia.net)

Но, главниот гнев на нацијата е насочен кон Гравина. Иако цела Италија бара итни оставки „en masse“, претседателот на федерацијата повторно го примени својот познат „синдром на преживување“. Најавата дека „одлуките ќе се носат во јуни“ и дека „не треба да се брза со заклучоци“ предизвика вистински револт на Апенинскиот Полуостров.

Критичарите се немилосрдни: Гравина не си замина по шокот од Македонија во 2022 година, остана во фотелјата и по бледото издание на Евро 2024, па сега јавноста со право се прашува – како е можно да се скрши овој малер-циклус ако истите луѓе кои го менаџираат падот остануваат на кормилото? Континуитетот кој го пропагира Гравина во моментов не звучи како стабилност, туку како одбивање да се соочи со реалноста на една фудбалска нација која веќе една деценија го губи својот идентитет на светската сцена.

Габриел Гравина, Извор: https://football-italia.net

Парадоксот: Успешни млади категории, неуспешен А-тим

Најголемата енигма во оваа италијанска трагедија е фактот што, на хартија, фудбалот во младинските категории на Апенинскиот Полуостров воопшто не е во слободен пад. Напротив, во последните неколку години Италија доминира во помладите категории, станувајќи европски шампион до 17 години во 2024 и до 19 години во 2023 година, што навестува дека талентот не е проблемот.

Паралелно со тоа, по децении стагнација, конечно се придвижува и инфраструктурата, а дадено е зеленото светло за новиот „Сан Сиро“ и тековната реконструкција на стадионот во Фиренца за потребите на Евро 2032, што се јасни знаци на модернизацијата за која долго време италијанскиот фудбал беше критикуван.

Дури и на клупско ниво, Италија стои подобро од кога било во поновата историја. Клубовите од Серија А доминираат во коефициентите на УЕФА, обезбедувајќи рекорден број претставници во европските купови, додека сопственичките структури на гигантите како Интер и Милан изгледаат високо капитализирани и постабилни отколку во претходната деценија.

Токму затоа, овој нов мундијалски неуспех боли уште повеќе – додека сите останати алки во системот бележат прогрес, националниот тим останува заглавен во „црната дупка“ на квалификациите, создавајќи огромен јаз меѓу здравата основа и разнишаниот врв на пирамидата.

Извор: Извор: https://www.theguardian.com/ {Nidal Saljic/EPA}

Кога апокалипсата станува трилогија

Кога Италија не се пласираше во Русија пред девет години, тогашниот претседател Тавекио тоа го нарече „апокалипса“. Проблемот со апокалипсите е што тие не треба да имаат продолженија. Френсис Форд Копола никогаш не направи трилогија од „Апокалипса сега“, но италијанската фудбалска федерација успеа во тоа. Ова не е само спортски неуспех, ова е национална фудбалска трагедија која ќе ги прогонува „Азурите“ уште четири долги години.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено