Карлос Алкараз за првпат во кариерата ќе игра во финалето на АТП Финалниот турнир, откако во Торино ја сопрe моќната серија на повторно разбудениот Феликс Оже-Алијасим и си закажа меч кој сите го чекаа: уште еден судир со Јаник Синер, домашниот миленик и најголем ривал на Шпанецот во последните две години.
Алкараз го прими трофејот за светски тенисер број 1 на АТП листата и само 24 часа подоцна одигра како да сака да покаже зошто е најдобриот на светот. Во преполната „Иналпи Арена“, 22-годишниот шампион приреди тениска лекција исполнета со акробации, фантазија и аплаузи што не престануваа за 6-2, 6-4 во сетови за 83 минути.
„Се чувствував како да можам сè на теренот“, призна Алкараз. „Форхенд по линија, дроп-шот, бекхенд, едноставно сè влегуваше. Таа самодоверба го носеше целиот меч. Го терав да оди до своите лимити и многу сум среќен од нивото што го одржав“.
He’s simply a genius 🪄@carlosalcaraz becomes the first Spaniard to reach the final at the #NittoATPFinals since Rafael Nadal in 2013! pic.twitter.com/Q9uKSwkzZ5
— ATP Tour (@atptour) November 15, 2025
Шпанец во финале за првпат од 2013 година
Ова е 11-то финале сезонава за Алкараз, најмногу на целата АТП турнеја, и првпат по ерата на Рафаел Надал (2013) Шпанец да стигне до меч за титула на завршниот Мастерс. Целта? Да стане прв Шпанец по Алекс Кореча (1998) што ќе го крене трофејот на крајот од сезоната.
И за да биде сценариото уште поубаво, од другата страна ќе стои човекот кој му стана најголем тениски ривал, Јаник Синер.
Ова финале е кулминација на 2025, година во која двајцата поделија четири Гренд слема и освоија 13 титули вкупно.
Алкараз води 4-1 сезонава (10-5 вкупно), но Синер има нешто што никој друг го нема: 30 победи по ред во сала и публика која ќе врие како вулкан.
Карлос најави што следи:
„Против Јаник морам да бидам перфектен. Морам да играм со мојот план А, само така можам да го победам. Очекувам ниво на максимум од двајцата. Тоа е финале какво што сакаат фановите“.
Алкараз го скрши Отпорот на Оже-Алијасим со потег за антологија
Мечот против Феликс почна со тениска поезија. По долга бекхенд размена, Алкараз испрати дроп-шот што го натера Канаѓанецот да летне напред, а кога Феликс со последен атом на сила врати по линија, Карлос се фрли во целосен „стреч“ и со волеј во празен терен го запечати брејкот за 3-1, поен за кој публиката стана на нозе.
Carlitos is showin’ out in Turin! 😮💨 @carlosalcaraz | #NittoATPFinals pic.twitter.com/fyyAkYdsy4
— ATP Tour (@atptour) November 15, 2025
Шпанецот ја доминираше првата фаза со 13 винери и само две грешки, а во вториот сет покажа трпение. Оже-Алијасим се бореше, се бранеше, атакуваше… но во клучниот 10-ти гем, четири непредизвикани грешки го однесоа мечот на една страна.
Сега Алкараз води 5-3 во меѓусебните дуели. Иако поразен, Феликс ја завршува годината со големо враќање во тениската елита. Од број 27 во август, стигна до бр. 5 во светот, со трофеј во Брисел, финале во Париз и полуфинале на УС Опен.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



