Карлос Алкараз конечно го направи она што му недостасуваше на завршните турнири – се врати од поразен сет и го победи Тејлор Фриц во вистинска тениска драма што траеше речиси три часа. Со оваа победа, Шпанецот направи огромен чекор кон полуфиналето во Торино и се доближи до уште поголема цел, повторно да ја заврши годината како број 1 во светот.
Мечот беше маратон и вистински тест за неговата ментална цврстина. Алкараз покажа дека ја научил најважната лекција во Торино: никогаш не е готово додека не заврши последниот поен.
„Тенискиот меч може да се смени во секој момент“, рече 22-годишниот Шпанец по дуелот. „Кога си на терен, сè изгледа тешко, но ако останеш фокусиран и продолжиш да правиш вистински работи, сè се менува. Денес почнав лошо, но завршив фантастично“.
Клучниот момент дојде во вториот сет, при 2-3, кога Алкараз успеа да спаси неколку брејк топки во 14-минутен гeм и потоа веднаш го направи пробивот. „Таму се смени мечот“, призна Карлос.
Во својата анализа, Алкараз откри дека посебно работеле на ударот по дијагонала со бекенд, оружје што му носеше големи поени против стабилниот Фриц. „Не сакав да бидам предвидлив. Кога ќе го отворам теренот со бекенд по линија, можам да го подготвам мојот форхенд, ударот каде што се чувствувам најсилно“, рече тој.
Иако победата беше импресивна, Шпанецот не беше целосно задоволен од својот сервис: „Не сервирав како што сакав. Кога сервисот ти функционира, си послободен во останатите удари. Но Фриц одлично враќаше, ме натера да се борам за секој поен“.
Fightback SZN ⚔️ @carlosalcaraz shows his grit by coming from a set down to defeat Fritz and remain undefeated in the Jimmy Connors Group! #NittoATPFinals pic.twitter.com/A5e7u6V7NS
— ATP Tour (@atptour) November 11, 2025
Физички и психички, мечот го исцрпи до крај: „Ова беше еден од оние натпревари каде што мораш постојано да се бориш со сопствените мисли. Топлина, влага, замор – сè е против тебе. Но токму во тие моменти растеш како играч.“
Со две победи во групата „Џими Конорс“, Алкараз не само што е блиску до полуфинале, туку и до втор завршеток на сезоната како светски број 1. Но не сака да се оптоварува со тоа:
„Секако дека е голема цел, но ако премногу мислиш на тоа, си создаваш дополнителен притисок. Сакам само да уживам во турнирот и да играм добар тенис во сала, нешто што некогаш ми беше слаба точка“, изјави тој.



