Европскиот владетел Магдебург ја оправда улогата на апсолутен фаворит и со победа од 26-31 си замина од пеколот во „Боро Чурлевски“, задржувајќи го перфектниот скор во Лигата на шампионите (9/9).
Екипата на Еурофарм Пелистер, иако ослабена (без првиот голман Хеидарирад и Валид), одигра храбро, покажа заби, но на крајот мораше да му подаде рака на поквалитетниот противник.
Митревски блескаше, Хенигман „поцрвене“
Првото полувреме понуди рамноправна битка во поголемиот дел. Домаќините, носени од фантастичната атмосфера, успеаја да се вратат од негатива и на пауза да заминат со пристојни 12-15, благодарение и на одбранетиот пенал на младиот Давид Брестовац во самиот финиш.
Во вториот дел, класата на Германците дојде до израз. Кога Ник Хенигман заработи црвен картон (трето исклучување), работите станаа уште потешки за четата на Гарабаја. Сепак, Никола Митревски со 11 интервенции покажа зошто е еден од најдобрите, а во нападот расположени беа Богдан Радивојевиќ и Дејан Манасков со по 5 гола.
Следна станица: Загреб!
Овој пораз беше очекуван, но она што следи е „да се биде или не“. Еурофарм Пелистер на 3. декември гостува во Хрватска кај Загреб.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



