Македонскиот шампион загуби со високи 35:20 од ПИК Сегед во Лигата на шампионите. Голманот Роланд Миклер имаше неверојатни 53% успешност и ги излуде избраниците на Гарабаја.
Ракометниот првак на Македонија, Еурофарм Пелистер, доживеа тежок пораз на гостувањето кај унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед со убедливи 35:20, во натпреварот од осмото коло на Лигата на шампионите. Со овој пораз, битолчани остануваат на седмото место на табелата со освоени четири бодови.
Шоу на Роланд Миклер – „Македонските стрелци“ немаа одговор!
Иако натпреварот започна израмнето, со игра „гол за гол“ до 3:3, брзо беше најавено во чија насока ќе се движи дуелот. Роланд Миклер фати страшен ритам уште на стартот. До крајот на првото полувреме, тој собра 11 интервенции, а мечот го заврши со неверојатни 19 одбрани за 50 минути игра, што претставува фантастична успешност од 53%.
По првичното водство на ПИК Сегед од 6:3, тренерот Гарабаја веднаш реагираше со тајм-аут, но не успеа да ја промени сликата на теренот. И покрај добрите моменти на Хеидарирад на голот, унгарскиот тим лесно ја пробиваше одбраната на Пелистер, па домаќините до паузата ја вратија позитивата од пет гола (14:9). Митревски фати пенал, а исклучувањето на Калараш само кратко ги врати битолчани на „минус три“ (11:8).
Сегед го диктираше темпото, разликата растеше до +15
Каде што застана Миклер во првиот дел, таму продолжи и во вториот. Набрзина предноста на ПИК Сегед отиде на двоцифрен број, 23:13. Гарабаја се обиде да ја освежи екипата, внесувајќи ги во игра браќата Атанасијевиќ, Ристевски и Хаџиќ, додека Митревски застана на голот наместо Хеидарирад.
Но, домаќините беа немилосрдни, казнувајќи ја секоја грешка на пелистерци, додека Миклер продолжи да блеска. Разликата во корист на унгарскиот вицепрвак само растеше до конечниот и убедлив пораз од 35:20.
Стрелци и следен предизвик
Покрај херојот Миклер, во домашниот тим се истакнаа и Фримел и Кукиќ со по седум погодоци. Кај Еурофарм Пелистер, Манасков, Петар Атанасијевиќ и Хаџиќ, постигнаа по 3 голови.
Следниот предизвик за битолчани ќе биде исклучително тежок! Во „Боро Чурлевски“ гостува европскиот шампион Магдебург, на 26 ноември од 20:45 часот.
Гостинска статија на Марија Петровска
Следете нè: Facebook | Instagram | X



