Само неколку часа откако Рубен Гарабаја поднесе оставка, раководството на РК Еурофарм Пелистер го реши прашањето за кормилар, барем привремено.
Немаше време за долги преговори и барање странски стратези. Звонко Шундовски, актуелниот спортски директор и поранешен селектор на Македонија, повторно застанува на „жешкото столче“ за да го спаси бродот.
„Храбро и несебично преземање на одговорност“
Од клубот потврдија дека Шундовски ќе ја води екипата до крајот на полусезоната.
„Пред клучните натпревари… Звонко повторно храбро и несебично ја презема одговорноста за тимот, како и многупати досега кога било најпотребно, сè до назначувањето на нов тренер“, стои во соопштението на шампионот.
Огнено крштевање: Прво Струга, па „Вечното дерби“
Шундовски нема време за воигрување. Тој ќе го води тимот веќе денес против Струга, но вистинскиот испит доаѓа за викендот кога во Битола гостува лутиот ривал Вардар. До крајот на овој дел од сезоната, Пелистер го чекаат и тешко гостување во Охрид, како и домашен меч со Тиквеш.
Клубот упати и апел за мобилизација: „Ги повикуваме сите вистински љубители на ракометот да застанеме обединето зад нашиот клуб“.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



