По “студениот туш” што го приреди Дејан Манасков со одбивањето да се врати во репрезентацијата, селекторот Кирил Лазаров реагираше експресно и го пополни испразнетото место на левата крилна позиција.
Нов член на националниот тим е Петар Атанасијевиќ, клупскиот колега на Манасков од редовите на шампионот Еурофарм Пелистер.
Атанасијевиќ не е ново име во репрезентативниот табор. Младото крило беше дел од составот на нашата репрезентација на Светското првенство минатата година и сега повторно добива шанса да се докаже во дресот со националниот грб.
Со ова, комплетиран е списокот на ракометари кои ќе бидат дел од мини-подготовките во рамките на ЕХФ неделата. Македонија ќе одигра два контролни натпревари против селекцијата на Јапонија – првиот од затворен тип на 31 октомври, и вториот, отворен за јавноста, на 1 ноември во Куманово.


